Во Општина Битола се зголеми бројот на сектори и одделенија во општинската администрација. Со одлуката донесена на општинскиот Совет, наместо 6 сега ќе има 10 сектори, а наместо 19 дури 27 одделенија. Опозицијата обвини дека ова ќе значи воведување на повеќе раководни места за задоволување на партиски кадри и ќе наликува на мајтапот „заменик на заменикот, заменик-директорот на директорот“. Од локалната власт одговорија дека се работи за усогласување на службите со новите закони и дека ваквата организација ќе ја намали концентрацијата на моќ во една служба или кај еден раководител.
„Се воведуваат нови раководители на сектори. Ќе дојде до тоа, една третина од вработените во Општина Битола да бидат на некаква раководна позиција, ќе имаме околу 40 раководители на сектори и одделенија… Ве уверувам дека ова ќе ја оптовари дополнително општинската администрација со повеќе од 200.000 евра, што сметам дека во услови кога не ни се решени проблемите со дупките по улиците и квалитетниот јавен превоз, ова не е во ред. Ќе дојдеме како во мајтапот заменик на заменикот, заменик-директорот на директорот, сега да ни се случува и во Општина Битола“, рече советникот Петар Николовски од СДСМ.
Советникот Миле Трајковски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ рече дека според сегашната систематизација имало околу 20 раководни позиции, а со новата бројот се зголемува на 38.
„Дали навистина постои реална потреба од нова, толку бројна администрација или повторно сме сведоци на партиско и политичко наградување на послушниците? Дали откако секнаа другите начини за наградување на партиските потрчковци — на сите власти, без разлика — сега ќе се расфрламе со сектори и раководни функции во Општина Битола?“, праша Трајковски.
Одлуката ја изгласа советничкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, а претседателот на Советот Бојан Бојкоски образложи дека општинската администрација брои 143 вработени и е најмала согласно бројот на жители. Додаде дека со двата нови закони за административни службеници и за вработени во јавниот сектор мора да се направи нова реорганизација на општинските администрации најдоцна до 1 јануари 2027 година.
„Единствено се прави дисперзија, оние функции коишто ги имале дел од одредени раководители на сектори и одделенија, сега се споделуваат со останатите вработени за да нема концентрација на моќ кај едно лице“, рече Бојкоски.
Новата внатрешна организација која ја изгласа Советот е на предлог на градоначалникот Тони Коњановски. На Комисијата за статут и прописи општинскиот претставник рече дека досегашната организациска поставеност овозможувала преголема концентрација на надлежности во еден сектор, односно одделение и кај еден раководител.
„Гломазните сектори доведуваат до поголеми тешкотии, голема акумулација на надлежности и трошење на финансиски средства, сѐ е концентрирано во еден човек, односно раководителот на секторот, што е дополнителен товар и голема обврска која тешко дека може така квалитетно да се реализира“, рекоа од Општината.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



