ОПШТИНА БИТОЛА НЕ КАЖУВА КОЛКУ БЕА ПЛАТЕНИ ЧЛЕНОВИТЕ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПРОЦЕНКА НА ШТЕТИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО 2022, БИТОЛЧАНИ ВО ПРОСЕК ЌЕ ДОБИЈАТ ПО 732 ДЕНАРИ

    ОПШТИНА БИТОЛА НЕ КАЖУВА КОЛКУ БЕА ПЛАТЕНИ ЧЛЕНОВИТЕ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПРОЦЕНКА НА ШТЕТИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО 2022, БИТОЛЧАНИ ВО ПРОСЕК ЌЕ ДОБИЈАТ ПО 732 ДЕНАРИДел од битолчани реагира дека сумите се толку мали што не ни знаеле дека парите им легнале на сметките (Фото: СДК.МК)

    Не добивме конкретен одговор од прес-службата на Општината колку пари добија членовите на Комисијата за проценка на штетите од земјотресот во 2022 во Битола. Прашањето го поставивме за да направиме споредба колку пари добија проценителите наспроти правните и физичките лица, на кои дури деновиве, по четири години од земјотресот, им се исплаќаат само пет поценти од штетите.

    На членовите на Комисијата кои работеа на 2.435 предмети им е исплатено согласно одлука донесена од страна на советниците на Општина Битола, во согласност со бројот на сработени предмети“, гласеше одговорот на Општината, добиен денеска, три дена откако беше испратено прашањето.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 7 февруари објави дека од проценетата штета во вкупен износ од 35.690.926 денари, со одлука на Владата од октомври 2024 година, дури сега се исплаќаат само пет проценти, односно 1.784.546 денари. Според бројот на предмети, во просек доаѓа оштетено лице да земе по 732 денари.

    Дел од битолчани реагира дека сумите се толку мали што не ни знаеле дека парите им легнале на сметките, а дури и највисоките износи се колку да купат една канта со 15 литри боја.

    Битолчанката Лидија Ангелкова, која е меѓу граѓаните со повисоко проценети штети, вели дека ќе ѝ бидат исплатени едвај 1.000 денари.

    Исплатата на пет проценти од штетата кај мене изнесува околу 1.000 денари, што е навистина мала сума во однос на штетите што ги претрпе објектот. Што може да се направи со 1.000 денари? Со тие пари не може ни соба да се префарба. Со години водам битка за реално и навремено обесштетување. Јас ќе земам околу 1.000 денари, а има граѓани кои ќе добијат по 200 или 300 денари“, вели Ангелкова.

    Од Општината во писмениот одговор денеска ги потврдија сумите на проценета и исплатена штета, како и бројот на предмети кои веќе ги објавивме. На прашањето колку изнесува највисоката, а колку најниската исплата ни одговорија дека согласно Законот за заштита на лични податоци не можат поединечно да истакнуваат исноси.

    Исто така потврдија дека средствата од државниот буџет биле префрлени на наменска сметка на Општината на 24.12.2024. Причината што се исплаќаат дури по повеќе од една година е поради погрешно доставени податоци на дел од оштетените физички и правни лица, како и поради згаснати/непостоечки сметки, а морале да се исплатат сите одеднаш.

    Веднаш по земјотресот на 9 јануари 2022, Општината формираше соодветни комисии и беше изработен елаборат за проценка на штетите. На 10 јануари, Советот побара итна седница на Владата за обезбедување средства за санација на штетите. На 27 декември истата година Советот го усвои елаборатот за проценка на штетите, по што беше испратен до Владата.

    Владата по скоро две години, поточно во октомври 2024, донесе одлука за обезбедување парична помош од буџетот во износ од пет проценти. Средствата беа префрлени на наменска сметка на Општина Битола на крајот на 2024 година, а исплатата започна деновиве.

    Во јануари 2022 Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентрално подрачје кај Лерин, северна Грција. Нaјсилниот земјотрес со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер се случи вечерта на 9 јануари, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет. Ударите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница и други институции, згради и куќи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира