Споменикот на Алексанадр Турунџев, по шест години поминати во општинскиот двор, ќе биде поставен на кружниот тек кој Општина Битола наскоро планира да го гради кај поранешната Ветеринарна станица, како што беше и првично замислен, но владата на ексградоначалникот Владимир Талески во 2017 се откажа поради протестите на околните жители.
Сегашната локална власт одново актуелизира ваков проект, кој исто како и претходно предвидува кружен тек на крстосницата меѓу улиците Прилепска и Баталјон Стив Наумов во Битола, а над кого ќе биде поставен споменикот на војводата висок 3 метри, за кој пред шест години Општината плати 28.000 евра.
Од Општина Битола преку писмено соопштение известија дека се подготвени за реализација на голем инфраструктурен проект, предвиден за оваа градежна сезона. Согласно подготвената проектна документација и склучениот договор со изведувачот, наскоро ќе започнат работните активности. Предвидени се 11.790.640 денари (193.289 евра), во кои е вклучена канализациона мрежа, коловоз и улично осветлување. Со завршувањето на овој проект, ќе се промени и режимот на сообраќај во овој дел на градот, а на кружниот тек ќе биде поставен и споменикот на Александар Турунџев.
Прв ваков проект во 2017 најави поранешниот градоначалник Владимир Талески. Но, се откажа од негова реализација откако се побуни месното население зашто тој предвидуваше да се сечат дрвјата од паркот пред зградите кои ги штитат од прашина и издувни гасови од сообраќајот. И покрај издаденото решение за сеча на комуналните служби, одлуката не се спроведе на дело.
На локалната власт предводена од Талески инфраструктурниот подем во Битола ѝ се состоеше од четири кружни текови за кои Општината даде многу пари, а беа украсени со филџан, клавир да ја отсликува музичката традиција токму во периодот кога тогашната државна власт се обидуваше да го продаде Офицерски каде е сместена најакустичната сала за концерти, па пајтон и креација слична на лампион. Турунџев требаше да се постави на петтиот кружен тек, но со промената на власта, СДСМ не го изгради текот, а споменикот остана во општинскиот двор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА