Центарот за управување со кризи ќе проверува зошто затаи АД „Водостопанство“ во однос на чистењето и санирањето на речното корито на Струмица, која пред десетина дена се излеа и поплави десетици хектари обработливо земјиште и 30-ина објекти. Општина Босилово уште на почетокот на ноември реагирала и побарала механизација на „Водостопанство“ да излезе на терен и да го санира речното корито на повеќе места.
„Станува збор за четири критични точки на реката Струмица каде што коритото е однесено. Со допис алармиравме на 9 ноември и побаравме да се преземат мерки за санација и чистење, но одговор нема. Освен Струмица, побаравме и санација на реката Јазга. Чистењето на овие речни корита не е во надлежност на општината, но подготвени сме да интервенираме и помогнеме“, кажа градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев.
Местата каде што е однесено коритото на Струмица ги посети првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов. Ќе инсистира на одговор зошто и покрај укажувањето од Општина Босилово, одговорните не излегле на терен.
„Опасноста од поплави и натаму демне. Ќе ги контактираме сите надлежни субјекти во Системот за управување со кризи и ќе побараме од нив да излезат во пресрет за да не ни се случуваат повторно поплави“, рече Ангелов.
Од подружницата на „Водостопанство“ во Струмица соопштија дека располагаат со ограничени средства и овој проблем е системски, во кој треба да се вклучат повеќе страни. Како што кажа директорот Лазар Ѓеоргиев, за критичните точки алармирале уште летоска.
„За ангажирање механизација за чистење и санација на речното корито на Струмица потребни се средства кои ние ги немаме. Не дека не интервениравме кога се случија поплавите, но ова е системски проблем, кој се провлекува со години. Летоска се формираше комисија со претставници на ‘Водостопанство‘, АРМ, Центарот за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и општината и ги детектиравме точките, но пари за интервенција никој не обезбеди. Сакам да упатам и апел до месното население да не фрла отпад во речните корита и да не црпи земја и песок“, вели Ѓеоргиев.
Речното корито на Струмица последен пат беше чистено во 2016 преку проект на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а средствата беа обезбедени преку ЕУ и УНДП. Беше исчистен потег од околу 20 километри во општините Василево, Босилово и Ново Село.
В. ТРАЈКОВ