ОПШТИНА БОСИЛОВО ЛЕТОСКА БАРАЛА ДА СЕ САНИРА РЕЧНОТО КОРИТО НА СТРУМИЦА, ШТО НЕОДАМНА СЕ ИЗЛЕА, НО НИКОЈ НЕ РЕАГИРАЛ

    ОПШТИНА БОСИЛОВО ЛЕТОСКА БАРАЛА ДА СЕ САНИРА РЕЧНОТО КОРИТО НА СТРУМИЦА, ШТО НЕОДАМНА СЕ ИЗЛЕА, НО НИКОЈ НЕ РЕАГИРАЛКоритото на Струмица последен пат беше чистено во 2016 (Фото: СДК.МК)

    Центарот за управување со кризи ќе проверува зошто затаи АД „Водостопанство“ во однос на чистењето и санирањето на речното корито на Струмица, која пред десетина дена се излеа и поплави десетици хектари обработливо земјиште и 30-ина објекти. Општина Босилово уште на почетокот на ноември реагирала и побарала механизација на „Водостопанство“ да излезе на терен и да го санира речното корито на повеќе места.

    „Станува збор за четири критични точки на реката Струмица каде што коритото е однесено. Со допис алармиравме на 9 ноември и побаравме да се преземат мерки за санација и чистење, но одговор нема. Освен Струмица, побаравме и санација на реката Јазга. Чистењето на овие речни корита не е во надлежност на општината, но подготвени сме да интервенираме и помогнеме“, кажа градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев.

    Местата каде што е однесено коритото на Струмица ги посети првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов. Ќе инсистира на одговор зошто и покрај укажувањето од Општина Босилово, одговорните не излегле на терен.

    „Опасноста од поплави и натаму демне. Ќе ги контактираме сите надлежни субјекти во Системот за управување со кризи и ќе побараме од нив да излезат во пресрет за да не ни се случуваат повторно поплави“, рече Ангелов.

    Од подружницата на „Водостопанство“ во Струмица соопштија дека располагаат со ограничени средства и овој проблем е системски, во кој треба да се вклучат повеќе страни. Како што кажа директорот Лазар Ѓеоргиев, за критичните точки алармирале уште летоска.

    „За ангажирање механизација за чистење и санација на речното корито на Струмица потребни се средства кои ние ги немаме. Не дека не интервениравме кога се случија поплавите, но ова е системски проблем, кој се провлекува со години. Летоска се формираше комисија со претставници на ‘Водостопанство‘, АРМ, Центарот за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и општината и ги детектиравме точките, но пари за интервенција никој не обезбеди. Сакам да упатам и апел до месното население да не фрла отпад во речните корита и да не црпи земја и песок“, вели Ѓеоргиев.

    Речното корито на Струмица последен пат беше чистено во 2016 преку проект на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а средствата беа обезбедени преку ЕУ и УНДП. Беше исчистен потег од околу 20 километри во општините Василево, Босилово и Ново Село.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира