ОПШТИНА НЕГОТИНО ДОЛЖИ ТРИ И ПОЛ МИЛИОНИ ЕВРА

    ОПШТИНА НЕГОТИНО ДОЛЖИ ТРИ И ПОЛ МИЛИОНИ ЕВРАГрадоначалникот Тони Делков вели дека ја затекнал Општина Неготино со блокирана сметка (Фото: СДК.МК)

    Околу три и пол милиони евра е задолжена Општина Неготино, која годинава нема да има организиран дочек на Нова година, рече новиот градоначалник Тони Делков. Општина Неготино досега имала приход од милион евра годишно, од кои 50-60 проценти се трошеле на плати.

    Локалната самоуправа во моментов е со 43 вработени во редовен работен однос и 17 преку Агенција за привремени вработувања. Тоа според градоначалникот е исто така премногу, со оглед на финансиската кондиција.

    „Првиот ден кога дојдов на функцијата, Општината беше со блокирана сметка и скоро еден месец потрошивме време да најдеме начин да разговараме со нашите добавувачи кои вршеле услуги на Општината, да ја деблокираме за да може да почне да функционира нормално. Имаме повеќе такви фирми кои чекаат за извршување и се надевам дека во наредниот период ќе се потрудиме да ги изменаџираме за да не дојде до блокада. Не биле исплатени доста обврски како спрема добавувачи, така и спрема претходниот Совет, не биле исплатени средствата за новороденчиња. Подигнат е кредит од еден милион евра што стои во Министерството за финансии и од кој се потрошени некаде околу 28 милиони денари. Тие средства се потрошени за подобрување на водоснабдувањето, меѓутоа сите знаеме дека општината и покрај потрошените средства нема добиено никаков резултат за подобрување на водоснабдувањето. А директорот на ЈП Комуналец може да потврди дека претпријатието е во долг некаде над 70 милиони денари”, вели Делков.

    Тој рече дека има демотивирани работници во Комуналец бидејќи платата доцни 4 месеци. Општинската гимназија исто така е во долгови некаде околу 10 милиони денари, долгови по основ на превоз на ученици кои се од 2012. Секојдневно самата гимназија има притисок со судски решенија, извршни решенија. Делков додава дека ќе се продолжи со работа и борба со проблемите и да се покаже дека со едно домаќинско и транспарентно работење може да се направи подобро.

    С. ДАРУДОВА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира