ОПШТИНА НОВО СЕЛО БАРА АВИОНИ ДА ГО ЛОКАЛИЗИРА ПОЖАРОТ БЛИЗУ БУГАРСКАТА ГРАНИЦА

    ОПШТИНА НОВО СЕЛО БАРА АВИОНИ ДА ГО ЛОКАЛИЗИРА ПОЖАРОТ БЛИЗУ БУГАРСКАТА ГРАНИЦАВо гаснењето на пожарот се вклучени 50-тина лица, но тој постојано се шири кон Бугарија. (Фото: СДК.МК)

    Општина Ново Село го активираше кризниот штаб за да го локализира пожарот кај Бајково, кој втор ден беснее и се шири кон селото Стиник. Ангажирани се вработени од Општината, комуналното претпријатие Комуна, екипи од полициската станица, Шумското стопанство Беласица и екипи од ТППЕ Струмица, но заради непристапниот терен и ветрот кој дува тешко оди локализирањето на пожарот кој e во граничниот појас со Бугарија.

    „Екипите се сѐ уште на терен и се борат со огнените јазици кои го зафатија овој предел. Во меѓувреме, побарана е помош од Центарот за управување со кризи. Во комуникација сме со надлежните да ни пуштат авиони за гаснење, оти во спротивно единствено спас ќе биде евентуален дожд“, ни изјави в. д. градоначалникот на Ново Село Горан Цветков.

    Во гаснењето на пожарот се вклучени 50-тина лица, но тој постојано се шири кон Бугарија. Со противпожарни возила не се стасува на критичните места, па со рачни машини со вода се пристапува на теренот, велат од ТППЕ Струмица.

    „Опожарени се околу 15 хектари нискостеблеста шума и сува трева. Проблем ни е теренот, но и ветрот. Не можам со сигурност да одговорам дали ќе успееме да го локализираме пожарот“, ни изјави Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира