Советниците на Градскиот совет во Општина Охрид на денешната седница донесоа одлука за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови со што се постапува по Заклучоците од 146. седница на Владата за прогласување мораториум на градежните активности.
За Предлог-одлуката гласаа 20 советници од вкупно 23 колку што брои Советот. Двајца советници биле воздржани, а еден бил отсутен.
Владата на 23 јули донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорача на општините од регионот, Охрид и Струга, да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.
Владата тогаш им препорача на општините Охрид и Струга да изготват и акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.