Владиката Петар е годинешниот добитник на највисокото признание на Општина Прилеп, наградата „3 Ноември“ по повод Денот на ослободувањето на градот од фашистичката окупација. На митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски Петар, според образложението на Комисијата која одлучуваше за наградите, Златната плакета за животно дело му се доделува поради „огромна ревност и оданост за верата и затоа што тој секогаш стоел и стои на браникот на националните интереси на нашата држава Македонија и православниот народ во неа“.
Одлуката предизвика реакции кај дел од граѓаните, кои укажуваат дека државата е секуларна, а највисоки општествени признанија се доделуваат на црковни лица.
„Владиката Петар, со крстено име Јован Каревски, роден во село Богомила, Општина Чашка, е добитник на наградата за животно дело ‘3 Ноември’ на Општина Прилеп! Како тоа Општина му дава награда за животно дело на владика? Па, нели Македонија е секуларна држава? Зошто се дава награда за животно дело некому кој не е роден во Општина Прилеп? Дали тоа значи дека нема заслужни прилепчани? Не е ли тоа девалвирање на сопствените граѓани? Нема Прилеп докажани научни работници, професори, лекари, спортисти, уметници… кои со својот професионален ангажман ја заслужиле наградата за животно дело?“, вели Зоран Милошески, новинар од Прилеп.
Владиката Петар е познат по радикално конзервативни и често дискриминирачки ставови и противник на женските права. Лани во своето велигденско послание до верниците ја нарече родовата еднаквост богохулна, противприродна, изопачена, а потоа изјави дека бил изваден од контекст. Во 2014, залагајќи се против абортусот рече дека актерката Мерлин Монро се самоубила бидејќи не можела да стане мајка откако извршила хируршки зафат за да не може да забремени. Кога во април 2021 се зарази со ковид, владиката Петар се лекуваше во приватна болница. Потоа, тој ги ги отфрли препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници, при што причестувањето се вршеше со иста лажица. Претходно, Петар апелираше в црква да се носат маски за да не се шири вирусот, но на литургиите дел од свештениците и верниците беа без маски. Тој во ноември 2020 кажа дека дотогаш од ковид-19 починале двајца свештеници и над 250 луѓе од неговата епархија. Во 2018 учествуваше и беше говорник и на протестите за прекин на преговорите за името со Грција, организиран од здруженијата „Тврдокорни“ и „Македонски обединети сили“.
Лани, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ѝ дала дозвола на компанијата „Преобразба“, чиј основач и управител е Петар Каревски што е световно име за владиката Петар, да отвори телевизија што ќе зрачи локално во Скопскиот Регион. Од АВМУ тогаш за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека на Друштвото за производство, туризам, промет и услуги „Преобразба“ ДООЕЛ Скопје му одобриле да отвори телевизиски канал преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс.
Награда за животно дело Општина Прилеп ќе му додели и на Жарко Башески, македонски скулптор, професор, уметник, кој неколку децении го промовира својот роден град Прилеп.
Ж. ЗДРАВКОВСКА