Општина Прилеп подели 15.000 заштитни маски откако денеска почна забраната за движење без маска, шал или марама на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип на територијата на Општината. Десет илјади од нив се дистрибуирани до претседателите на урбаните заедници, 3.000 маски доби Здружението на пензионери, 500 доби Здружението на инвалидски пензионери, а останатите им беа поделени на граѓаните кои беа затекнати пред банките, маркетите, Градскиот пазар и во Старата чаршија.
Во Прилеп денеска се регистрирани седум нови случаи на коронавирус, како и по еден во општините Долнени и Кривогаштани, поточно жители на населените места Заполжани и Боротино.
На Инфективното одделение во прилепската Општа болница „Борка Талески“ се хоспитализирани 19 лица позитивни на коронавирус. Двајца се на кислородна поддршка, останатите се со стабилна клиничка слика. Четири пациенти се сомнителни на коронавирус, земен им е брис и се чекаат резултати. Во самоизолација се наоѓаат 334 лица.
Ж. ЗДРАВКОВСКА