ОПШТИНА ШТИП ЈА ПОКАЧИ ЦЕНАТА ЗА ГРАДИНКА ОД 1.490 НА 2.000 ДЕНАРИ, ВЕЛАТ ДЕКА ТОА СЕ ДОЛЖИ НА ЗГОЛЕМЕНИТЕ ТРОШОЦИ

    ОПШТИНА ШТИП ЈА ПОКАЧИ ЦЕНАТА ЗА ГРАДИНКА ОД 1.490 НА 2.000 ДЕНАРИ, ВЕЛАТ ДЕКА ТОА СЕ ДОЛЖИ НА ЗГОЛЕМЕНИТЕ ТРОШОЦИОпштината образложи дека зголемувањето на цената доаѓа и како препорака од Владата. - Седница на Советот на Општина Штип (Фото: СДК.МК)

    Родителите во Штип од први јануари плаќаат повисок месечен надоместок за престој на децата во градинките. Со одлука на Советот на Општина Штип, цената е зголемена од досегашните 1.490 на 2.000 денари, што претставува пораст од 34 проценти.

    Во двете штипски градинки, „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“, кои располагаат со по пет објекти, моментално се згрижени околу 1.500 деца, а капацитетите се целосно пополнети.

    Директорот на градинката „Астибо“, Илија Митров, вели дека зголемувањето е резултат на енормно пораснатите трошоци за храна, затоплување и одржување.

    „Зголемувањето од 500 денари е минимално со оглед на трошоците. Иако партиципацијата на родителите расте, тие и понатаму покриваат само 25 отсто од вкупните трошоци, додека преостанатите 75 проценти се на товар на државата“, вели Митров.

    Директорката на „Вера Циривири-Трена“, Ивана Ангеличкова, нагласи дека оваа корекција нема да ги погоди сите семејства. Од плаќање партиципација остануваат целосно ослободени: децата од ранливи категории, децата од социјално загрозени семејства и децата со ретки болести.

    Одлуката за поскапување наиде на отпор кај опозициските советници за време на последната седница на Советот. Советникот Ангеле Михајловски од Левица кажа дека ова е сериозен удар врз стандардот на работниците.

    Управните одбори на градинките сега имаат обврска да изготват нови правилници. Со нив ќе се регулира и надоместокот за децата кои се отсутни, а за кои досега се плаќаше паушал од 520 денари за да се задржи нивното место во групата.

    Општината образложи дека зголемувањето доаѓа и како препорака од Владата, поради глобалната економска криза и растот на трошоците за живот и платите во јавниот сектор.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира