По еден век, старата хотелска зграда позната како хотел „Гарни“ која се наоѓа во центарот на Штип, ќе се продава на лицитација со почетна цена од 515.000 евра. Одлуката ја донесе Советот на Општина Штип на денешната седница.
Советниците од опозицијата беа против оваа одлука и сметаат дека вакво историско здание не треба да се продава и оти е најдобро да биде катче за културни настани.
Секретарката на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова, образложи дека не се работи за културно наследство, туку станува збор за движни и недвижни ствари на Општина Штип која е сопственик на напуштениот хотел „Гарни“. Општината нема човечки ресурси за оперирање со овој објект и затоа е одлучено да оди на лицитација.
Хотелот е изграден во 1924 година и точно еден век успеал да се одржи како објект и со повремени прекини да биде со хотелска функција, при што зградата доживеала неколку архитектонски реновирања во стариот стил и располага со речиси 300 метри квадратни корисна површина и 200 метри квадратни дворна површина.
Објектот со години беше напуштен, па потоа беше даден под наем на фирми, кои пред 10 години го раскинаа договорот.
Т. ЈОВАНОВСКИ