Општина Штип планира со почетокот на наредната учебна година во септември да воведе бесплатен оброк за учениците од прво до петто одделение, а во втората фаза од наредната година и за оние од шесто до деветто одделение. До стартот на новата учебна година, Општина Штип ќе го спроведе тендерот за најповолен понудувач на училишен оброк.
Раководителот на Секторот за образование и општествени дејности Снежана Санева, вели дека за првата фаза веќе се предвидени 5 милиони денари (околу 80.000 евра) за оброк што бесплатено ќе се дели на учениците секој ученички ден. Бесплатен оброк ќе добиваат 2.300 ученици.
„Во првата фаза се опфатени помалите ученици, затоа што поголемата група, учениците од предметната настава, повеќе е пробирлива во поглед оброкот па повеќе префирира оброк по сопствен избор. Но, и за двете група важат истражувањата и искажувањата на училишните одбори дека има и такви ученици чии родители не можат да си дозволат редовен и секојдневен оброк за своите деца во сопствена режија. Од друга страна, од безбедносни причини, тие што сега си купуваат оброк нема да мораат да излегуваат надвор од училиштето затоа што бесплатниот оброк ќе се дели во училиштето за време големиот одмор“, вели Санева.
Во рамките на програмата за стандард во образованието, Општина Штип пред неполн месец подели 2.300 ученички униформи за учениците од прво до петто одделние, а новата мерка за бесплатниот оброк ќе се однесува за исто толку ученици од одделенска настава. Општинските служби веќе изготвуваат калкулации колку ќе изнесуваат ваквите бенифиции за униформи и бесплатен оброк за учениците од шесто до деветто одделение. Новите мерки се воведуваат етапно поради неможноста наеднаш да се спроведуваат и отуството на помош од централаната власт.
Т. ЈОВАНОВСКИ