ОПШТИНА ШТИП ВЕТИ ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ТАЛЕНТИРАНИ УЧЕНИЦИ ОТКАКО ДАМЈАН ДАВКОВ ОСВОИ СРЕБРО НА МАТЕМАТИЧКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО ОСЛО

    ОПШТИНА ШТИП ВЕТИ ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ТАЛЕНТИРАНИ УЧЕНИЦИ ОТКАКО ДАМЈАН ДАВКОВ ОСВОИ СРЕБРО НА МАТЕМАТИЧКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО ОСЛОДавков во изминатите години славеше на сите домашни натпревари по математика, и тоа во конкуренција со средношколци (Фото: СДК.МК)

    Младиот штипјанец Дамјан Давков, кој на Математичката олимпијада во Осло освои сребрен медал и беше најмладиот учесник, беше примен од градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој, поттикнат од неговиот голем успех, рече дека Општината ќе донесе правилник за континуирана финансиска поддршка на младите штипски таленти кои постигнуваат врвни резултати на меѓународни натпревари од која било област.

    Четиринаесетгодишниот Давков, полуматурант во ОУ „Ванчо Прќе“ во Штип, во изминатите три години го освои првото место на сите домашни натпревари по математика, и тоа во конкуренција со средношколци. Неговите успеси, сепак, не стануваа официјални, затоа што се натпреваруваше со повозрасни од него.

    Младиот штипски Питагора, како што го викаат неговите соученици и наставници, пред неколку години беше најдобар на меѓународен математички турнир на Малта, лани во Молдавија освои медал, а сега се закити со сребро на Олимпијадата во Норвешка.

    Сребрен медал на Олимпијадата освои уште еден македонски математичар, Никола Спировски, а до бронза стигнаа Блаже Суклевски и Јан Стојановски. Пофалници добија и преостанатите членови на македонската репрезентација, Алексиј Тасиќ и Јасна Илиева. Ментори и водачи на македонската селекција беа Илија Јовчевски и Мирко Петрушевски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира