Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами и австрискиот амбасадор во Македонија, Мартин Памер, ја посетија оштетената зимска планинарска маркација на патеката од Попова Шапка до Титов Врв на Шар Планина. Посетата следуваше по неодамнешниот вандализам на патеката, кога беа уништени над 45 столбови од зимската маркација, кои беа поставени од повеќе од 25 волонтери со поддршка на Австриската амбасада. Материјалната штета е проценета на околу 8.000 евра, но и загрозена е безбедноста на планинарите во овој предел.
Помалку од две недели по уништувањето на зимската маркација, турист од Бугарија се изгуби додека планинарел во делот каде што беа уништени столбовите.
Касами најави дека Општина Тетово е подготвена финансиски да ја покрие обновата на оштетените столбови пред почетокот на зимската сезона, во координација со Националниот парк и партнерите од „Проектот Славков“.
„Без соодветна маркација, долгорочно може да настанат многу повисоки трошоци за сложени спасувачки операции, во кои се вклучени повеќе надлежни институции и средства, како што е полициски хеликоптер. Сите партнери се посветени на санирање на штетата и на унапредување на безбедноста на планинарите“, соопштија од Австриската амбасада.



