Кога во 2008 започна изградбата на новиот плоштад во Тетово, беа отстранети сите објекти кои беа тука, а меѓу нив и бистите на народните херои Тодор Циповски – Мерџан и Ѓоце Стојчески – Амбарче. Од 2001 па до отстранувањето, овие бисти беа честа мета на разни вандали кои ги шараа со спрејови, го кршеа мермерот, се обудуваа да ги отстранат по постаментите. Некои едноставно не сакаа овие антифашистички борци за слобода, кои загинаа борејќи се против албанските фашистички балистички банди, да се наоѓаат на тетовскиот плоштад. Изградбата на плоштадот беше убава можност тие да се тргнат од тука.
Од општинските власти, тогаш градоначалник на Тетово беше Хазби Лика од ДУИ, ветуваа дека дека откако ќе се направи плоштадот тие повторно ќе ќе бидат поставени таму. Но откако се тргнати, на бистите им се загуби секаква трага.
„Тогашното раководство на Сојузот на борците на Општина Тетово можеби малку наивно веруваше дека Општината ќе го исполни своето ветување и дека бистите ќе се вратат назад. Всушност, излезе дека на бистите им се губи секаква трага. Општинските власти велеа дека не знааат каде се, ние како Сојуз на борци исто така немавме информација дали тие бисти воопшто веќе постојат или некој ги украл или можеби ги продал на некој оптад. Потрагата по нив траеше речиси 4 години. Сосем случајно дознавме дека тие се наоѓале во магацин на фирмата што ги вршела градежните работи на плоштадот. Имало некои совесни луѓе од фирмата кои успеале да ги засолнат бистите, односно ги ставиле во нивниот магацин и едноставно заборавиле на нив. По ова сознание ние направивме комисија, отидовме кај фирмата, ги најдовме бистите и со записник ги зедовме. Така по четири години, овие спомен обележја на најзначајните личности од револуцијата од Тетово, повторно беа кај нас“, вели Стојан Петрушевски – Цока од Сојузот на борците од Тетово.
Иако биле неоштетени, бистите биле испрскани со спрејови и мрсна боја. Додека стоеја на градскиот плоштад борците редовно ги одржуваа, но вандалите секогаш беа побројни и поупорни, па вандализирањето беше речиси секојдневно. Во реставрацијата на бистите многу помогнале од институтот на скопската железарница, каде успеале да ја отстранат бојата што била нанесена и да им го повратат стариот сјај. Од тогаш започна и борбата за враќање на бистите на тетовскиот плоштад.
„Од сите досегашни градоначалници на Општина Тетово го добиваме истото ветување дека бистите ќе се вратат, но поради сé уште неповолната политичка состојба и во земјата и во Тетово, беше сугерирано да се причекаат некои подобри времиња за ова да се реализиара. Од 2015 до 2017, ние како Сојуз на борци започнавме поинтензивно да работиме на враќање на бистите на градскиот плоштад. Почнавме да праќаме барања насекаде. Сигурно имаме едно десетина барања до Советот на Општина Тетово, до политичките структури во градот, го запознавме и Главниот одбор на Сојуз на борци на Македонија, со нашите намери го запознавме и Министерство за култура, од каде пак ни рекоа дека надлежност за поставување споменици има Општината. За волја на вистината, и од Општина Тетово никогаш не рекле дака нема да ги вратат бистите, туку велеа дека предметот е на разгледување, но дека требало првин да се направи елаборат за поставување спомен-обележја и слично, но тој градежен елаборат еве го чекаме неколку години и тој никако да се изготви“, вели Јоцко Димитриевски, претседател на Сојузот на борците на Општина Тетово.
И покрај овие ветувања кои уште не се исполнети, тетовските борци се решени бистите на Мерџан и Амбарче да бидат вратени на плоштадот бидејќи, како што велат, не станува збор за поставување нови спомен-обележја туку за враќање на старите кои поради градежни работи биле тргнати од местото каде биле поставени. Тие велат дека и не мора да бидат поставени на истото место каде биле и порано, бидејќи не ќе можат да се вклопат во новиот концепт на плоштадот, туку можат да бидат поставени веднаш до споменикот на Револуцијата до Центарот за култура. Тука има доволно простор, а ќе бидат и надополнување на постоечкото спомен обележје. Исто така, имало и размислување тие да се постават во Музејот на Тетовскиот крај или пак во дворот на црквата „Св. Никола“ каде и биле стралани борците на Третиот партизански одред на кој му припаѓаа и овие двајца народни херои.
Побаравме и мислење од Општина Тетово, дали и кога планираат да го одобрат поставувањето на овие две бисти, но и по неколку дена чекање не добивме никаков одговор.
Но, според некои размислувања, во зовриената политичка сцена на Тетово поставувањето на бистите лесно може да повлече иницијативи за поставување на спомен обележја на некои балистички злосторници од времето на војната, како што е на пример Џемо Хаса кој веќе има споменик во неговото село Стримница или пак споменици на некои т.н. команданти на УЧК од конфликтот од 2001. Тоа, пак, сигурно нема да придонесе за релаксирање на политичката состојба, туку сигурно би создало нови и непотреби меѓуетнички тензии.
„Ние сме свесни за оние моменти и ни најмалку не сакаме да дојде до нарушување на меѓуетничката состојба во градот, но сакаме бистите да му се вратат на градот зошто тие се достоен спомен за да не се заборави славното минато на Тетово и на овие херои кои ги дадоа своите животи за слободата на Македонија“, вели Јоцко Димитриевски.
З. АНДОНОВ