ОПШТИНА ТЕТОВО ПРАТИ ИНСПЕКЦИЈА ВО ТЕТОВСКИОТ МУЗЕЈ КАДЕ ПО 19 ГОДИНИ ОТКАКО СЕ ТРГНАТИ ОД ПЛОШТАДОТ СЕ ИЗЛОЖЕНИ БИСТИТЕ НА НАРОДНИТЕ ХЕРОИ ТОДОР ЦИПОВСКИ-МЕРЏАН И ЃОЦЕ СТОЈЧЕВСКИ-АМБАРЧЕ

    ОПШТИНА ТЕТОВО ПРАТИ ИНСПЕКЦИЈА ВО ТЕТОВСКИОТ МУЗЕЈ КАДЕ ПО 19 ГОДИНИ ОТКАКО СЕ ТРГНАТИ ОД ПЛОШТАДОТ СЕ ИЗЛОЖЕНИ БИСТИТЕ НА НАРОДНИТЕ ХЕРОИ ТОДОР ЦИПОВСКИ-МЕРЏАН И ЃОЦЕ СТОЈЧЕВСКИ-АМБАРЧЕНа денешното одбележување на 19 Март, денот на формирање на КПМ, Меморијалниот комплекс го посетија бројни делегации на борци, организации и граѓани од Тетово и од други градови од државата каде пред бистите на народните херои Тодор Циповски-Меџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче положија цвеќе. (Фото: СДК.МК)

    Општинските инспекциски служби во Тетово вчера дојдоа во контрола на Музејот на тетовскиот крај, каде во во дворот на Меморијалниот комплекс на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) по 19 години се поставени бистите на народните херои од антифашистичката борба Тодор Циповски-Меџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче. Овие бисти до 2005 година беа поставени на градскиот плоштад, но кога почна неговото реновирање тие беа отстранети со ветување дека кога ќе биде завршена реконструкцијата на плоштадот ќе бидат вратни на местото од каде се отстранети. Поминаа 19 години, а ова ветување на општинската власт сè уште не е исполнето.

    Поради ова, Сојузот на борците во соработка со Музејот на тетовскиот крај се договорија бистите на овие народни херои, и двајцата од Тетово, времено да бидат поставени во дворот на Меморијалниот комплекс кој се наоѓа на месноста Два Бреста, спомен-куќата каде во 1943 година е формирана КПМ.

    „Вчера, рано наутро, дојде цела екипа од петмина луѓе од општинскиот Инспекторат за урбанизам и се дигна некоја фама зошто во Музејот се поставени овие бисти. Им реков дека ова е Музеј во кој имаме право да поставуваме, времено или трајно, експонати, бисти и слично кои се од историска важност. Не знам зошто и по кој повод дојдоа од инспекцијата за да направат притисок врз нас. Ние им дадовме до знаење и им покажавме документ дека Музејот на тетовскиот крај е имот на Македонија и дека ингеренциите на општинската инспекција се само до влезот во овој објект“, вели директорот на Музејот Миќо Стојчевски.

    Оваа експресно брза реакција на општинските инспекциски служби кои, за разлика од овој случај, се крајно неактивни кога станува збор за спречување дивоградби и разни други узурпации на јавниот простор во Општината.

    Од општинскиот Инспекторат за урбанизам не беа достапни за коментар зошто отишле во контрола на Музејот.

    „Со цел да им овозможиме на граѓаните и организациите непречено да им изразуваат почит на нашите народни херои, нивните бисти времено се изложуваат во дворот на Меморијалниот комплекс сè додека не се исполнат условите за нивно враќање на старото место. Процедурите за нивното поставување се испочитувани, донесена е Одука на Управниот одбор, а исто така е потпишан Меморандум за соработка со Сојузот на борците. Овој објект е Споменик на култура и неговата надлежност е на Министерството за култура и Министерството за транспорт и врски“, вели Стојчевски.

    На денешното одбележување на 19 Март, денот на формирање на КПМ, Меморијалниот комплекс го посетија бројни делегации на борци, организации и граѓани од Тетово и од други градови од државата каде пред бистите на народните херои Тодор Циповски-Меџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче положија цвеќе.

    Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче како борци на Третиот партизански одред се убиени од балистите на 19 септември 1944 во гостиварското село Беличица, во голема и крајно нерамноправна борба. Во одбраната на Беличица животот го дале 19 партизани од Третиот партизански одред, биле заробени 4 партизани кои после два дена биле стрелани во Тетово, од кои еден го преживеал стрелањето. Балистите во селото Беличица убиле и 17 жени, деца и стари.

    Во 1970 Тетово добива нов плоштад, а бистите на овие двајца народни херои се поставени на едно од централните места на плоштадот. Во 2005, кога градоначалник на Тетово беше Хазби Лика, започна повторна реконструкција на градскиот плоштад и тогаш двете бисти беа отстранети од постаментите на градскиот плоштад и фрлени на отпад, а Сојузот на борците во последен момент ги спаси за да не бидат уништени, иако тогашната општинска власт ветуваше дека откако ќе заврши реконструкцијата тие ќе повторно ќе бидат поставени на плоштадот. Но, ваквото ветување не го исполни ниту еден од тетовските градоначалници, ниту Хазби Лика од ДУИ, ниту Сади Беџети од ДПА, ниту Теута Арифи од ДУИ, како ни Билал Касами од БЕСА, иако во изминативе години на повеќе наврати се бараше бистите да се вратат на градскиот плоштад.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира