ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОСТАВИ ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО 28 ПРЕДМЕТИ ЗА ОТУЃУВАЊЕ ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ, МЕЃУ НИВ И ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ И „ГРАФИЧКИ ЦЕНТАР“

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОСТАВИ ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО 28 ПРЕДМЕТИ ЗА ОТУЃУВАЊЕ ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ, МЕЃУ НИВ И ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ И „ГРАФИЧКИ ЦЕНТАР“До минатиот декември на Општина Центар ѝ беше одземено правото да располага со незиграденото државно земјиште. - Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кажа дека до Обвинителството за организиран криминал и корупција и до МВР доставиле извештај со 28 предмети во врска со склучени договори за отуѓување градежно земјиште во сопственост на државата и предмети поврзани со земјиштето. Министерството за транспорт и врски располагаше со градежното земјиште во општина Центар до 18 декември 2018, по што ѝ беа вратени ингеренциите на општината.

    „Станува збор за вкупно 28 предмети во врска со склучени договори за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање. Меѓу нив е и предметот за Шпанските скали, за кој Обвинителство за организиран криминал и корупција минатата недела соопшти дека покренале обвинение. Во ноември 2013 земјиштето, кое се наоѓало во сопственост на државата, се отуѓува во корист на компанијата ’Амадеус Девелопмент‘, за изградба на објект од комерцијални и деловни намени. Врз основа на членот 66 став 1 од Законот за градење, поради неотпочнување на градба од страна на инвеститорот, Општина Центар го поништи одобрението за градење“, изјави Богдановиќ на денешната прес-конференција.

    Тој го наведе како пример и предметот на компанијата „Графички Центар“, тогаш во сопственост на МПМ, за парцела во ДУП-от Тетовска трошарина за изградба на објект со намена В3 – култура.

    „Во декември 2012 година Графички центар добива писмено известување од НУ Конзерваторски Центар дека на таа локација можно е да има подземни муслимански некрополи од 19. век и дека услов за добивање на одобрение за градење е претходно да се направи сондажно археолошко истражување. Иако Графички центар не го извршува тоа сондажно археолошко истражување, во декември 2013 земјиштето е отуѓено за изградба на објект со намена В3 – култура. Од октомври 2014 до февруари 2017-та, постојат преписки помеѓу Министерството за транспорт и врски, Графички центар ДОО Скопје и НУ Конзерваторски Центар – Скопје поврзани со барање за пролонгирање на рокот за добивање одобрение за градење поради пронајдени остатоци од муслимански некрополи од 19 век“, рече Богдановиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира