ОПШТИНА ЦЕНТАР ИМА 5.000 ПАРКИНГ МЕСТА, А ИЗДАДЕНИ СЕ 16.000 КАРТИЧКИ ЗА ПАРКИРАЊЕ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ИМА 5.000 ПАРКИНГ МЕСТА, А ИЗДАДЕНИ СЕ 16.000 КАРТИЧКИ ЗА ПАРКИРАЊЕБројот на повластени паркинг карти за жители изнесува 13.350, а склучени се 2.780 комерцијални договори со фирми и вработени.(Фото: ПОЦ)

    ЈП „Паркинзи Општина Центар“ стопанисува со 5.170 паркинг места, а издадени се три пати повеќе картички за паркирање односно 16.130. Бројот на повластени паркинг карти за жители изнесува 13.350, а склучени се 2.780 комерцијални договори со фирми и вработени.

    „Бројот на активни кориснички договори e динамичен, односно се менува согласно потребите и бројот на корисниците. Очигледна е тенденцијата на зголемување на бројот на жители во општината со што секако се зголемуваат и потребите за паркинг. Поради ова, покрај тоа што расте бројот на жителски договори, паралелно работиме и на проширување на опфатот на паркинг зоните со кои управува нашето претпријатие“, вели директорот на „Паркинзи Центар“ Душко Коцевски.

    Од претпријатието велат дека проблемот со недостаток на слободни паркинг места е постојан бидејќи и бројот на корисници на возила постојано се зголемува, а дополнително Центар е општина која има најголем број на дневна миграција на возила. Најголем недостаток на паркинг места има во секторите „Дебар Маало“, „Капиштец”, „Буњаковец”, како и затворените паркиралишта во редот на Градски Ѕид.

    „Како претпријатие, заедно со Општина Центар, паралелно работиме на два фронта- првиот е зголемување на капацитетите за паркинг, а вториот охрабрување на сите кои се движат на територија на Центар да користат алтернативен превоз. Следна инвестиција е поставувањето на нов отворен монтажен паркинг со капацитет од дополнителни 270 паркинг места во Капиштец на улица Народен Фронт. Реализацијата на овој монтажен паркинг е веќе во процедура од страна на Општина Центар и се очекува да биде реализиран во текот на оваа година“, додава Коцевски.

    На нашето прашање дали се размислува да се прекине со праксата за давање на налепници за бесплатно паркирање на жителите или барем да ограничите на едно возило, Коцевски вели дека се прават анализи.

    „Важно е да се задржи балансот помеѓу поволни услови за граѓаните кои навистина зависат од своите возила и подигнување на квалитетот на живеење и функционирање во центарот. Во оваа насока, да, постојано анализираме и размислуваме за промени кои ќе ни помогнат да го постигнеме и одржиме овој баланс. Секако тука мора да се внимава и на постојаното зголемување на трошоците за функционирање на претпријатието и на ориентираноста кон подобрување на квалитетот на јавниот сервис кој тоа го нуди. Од друга страна, треба да се има предвид дека повеќето јавни институции се лоцирани во Центар, како и голем број на локали и приватни компании со што дневната фреквенција е доста висока и потребите за паркинг се големи. Поради тоа, сите политики на ЈП ПОЦ,  почнувајќи од повластени жителски договори, потоа ценовната политика која е повисока од сите останати даватели на паркинг услуги во државата, како и политиката на резидентни паркиралишта на кои не е дозволено паркирање на нерезиденти, се фокусирани во насока да се обезбедат подобри услови примарно за жителите кои живеат во Центар“, вели Коцевски.

    Директорот смета дека проблем не се бесплатните картички за второ возило бидејќи бројот на договори кои се склучени за второ возило по лична карта се околу 530 и нивното кратење не би претставувало сериозен импакт.

    Цените за паркирање на паркинзите на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ се дупло повисоки за разлика од оние на ЈП „Градски паркинг“ кои по доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска беа намалени за 25 отсто.

    Јавните паркиралишта со кои стопанисува ПОЦ се поделени на 3 три паркинг зони, а цените во зависност од зоната се од 60 до 100 денари за час.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира