Општина Центар денеска почна со уривање на тениски терени со придружни елементи на Водно. Како што велат од Општина Центар станува збор за комплекс на тениски клуб, во кој покрај терените изградени без дозвола се и кафуле и санитарни јазли. Објектите се наоѓаат на улицата Славејко Арсов.
„За овој комплекс издадено беше решение за уривање бидејќи уште пред неколку години целиот комплекс е подигнат без дозвола. Бидејќи сопствeникот во предвидениот рок на постапи сам, ние преземавме акција за уривање, а трошокот ќе го сноси инвеститорот. Станува збор за поголем објект, па уривањето ќе трае неколку дена“, велат од Општина Центар.
Општина Центар минатата недела почна со акција за уривање на 18 дивоизградени објекти. Урнати беа објект и трафика на улицата Водњанска, како и трафиките кај Зелен пазар.
А. АНТЕВСКА