Општина Центар отстрани дива населба во Маџир Маало, односно на кејот под мостот кај Железничката станица во Скопје.
Од Општината велат дека од жителите на Маџир Маало секојдневно добивале поплаки дека луѓето кои живеат во објектите создаваат диви депонии, палат и претставуваат голем проблем на жителите од околните места и на минувачите.
„Откако не се постапи по решението за самостојно отстранување, Секторот за инспекциски работи со помош на механизација пристапи кон присилно отстранување. По отстранувањето на објектите, општината го исчисти просторот и дополнително истиот ќе биде уреден“, велат од Општина Центар.
Од таму додаваат дека и во наредниот период ќе се продолжи со активностите за уривање на нелегално изградените објекти.
Пред две недели Град Скопје ја урна дивата картонска населба под Железничката станица односно од другата страна на мостот.
А. АНТЕВСКА