Место во лимени канти од сирење и маслинки, картонски кутии позајмени од локалното гранапче или во кеси од маркетите, локалните власти помагаат велешани да го собираат сметот во пластични корпи.
Градските комуналци од почетокот на април започнаа со бесплатна распределба на канти за отпад. Тие се делат на домаќинства и на правни субјекти на територијата на градот, како и во населбата Горно Оризари. Локалната власт набави 1.380 канти од 120 литри, во зелена боја за комунален отпад и жолти за отпад кој може да се рециклира. Средствата во износ од 1,2 милиони денари се обезбедени од буџетот на Општина Велес и овој проект таа го реализира од 2014 година.
„Апелираме до граѓаните да ги користат кантите согласно нивната намена и да се изнесуваат два часа пред утврденото време на собирање на отпадот. Подобрата хигиена во градот и промените можат да се реализираат само заедно со граѓаните“, појаснуваат од локалната власт.
Ова доаѓа по реакциите дека дел од граѓаните кантите ги користат за други намени, пред сѐ, за чување зимница. Покрај кантите, на граѓаните им се дистрибуираат и летоци за спроведување на примарната селекција во нивните домови. Така ЈКП „Дервен“ ја започна кампањата за селекција на отпадот, насловена „Три Р – редуцирај, реупотреби, рециклирај“. Така ги поучува граѓаните дека хартија, картон, пластика, лименки и стакло се фрлаат во жолтите канти, а останатиот отпад во зелените.
Општина Велес работи и на поставување подземни контејнери на десет локации, кои тие ги карактеризираат како „жешки точки“ во градот.
П. ПЕЧКОВ