Минатата година, Општина Велес од својот буџет исплатила 44.000 евра отштета на граѓани каснати од куче. Споредено со 2019, исплатени се 6.600 евра повеќе, но и зголемен е бројот на граѓани каснати од куче.
„Службите на Општина Велес во 2020 постапиле по 69 ставки. Најголем дел од нив се исплатени со спогодба помеѓу оштетениот и општината, а помал дел со тужба во Основен суд Велес. Во 2019 година, од општинскиот буџет се исплатени 37.000 евра како отштета на граѓани кои биле нападнати или каснати од кучиња скитници. Постапено било по 58 ставки и најголем дел се исплатени по пат на спогодба помеѓу оштетениот и општината“, велат од локалната власт.
Бројките добиени од Општа болница Велес за минатата година покажуваат дека далеку помал број граѓани побарале задолжителна здравствена помош при каснување од бездомно куче.
„Лани имало 30 пациенти каснати од куче и еден од мачка“, одговорија оттаму.
Од пансионот „Гиовски тим“, кој со Општина Велес има склучено договор за заловување, стручен третман и грижа на кучињата скитници, како и на нерегистрираните кучиња на територијата на општината, посочуваат дека граѓаните ретко излегуваат на терен да го посочат кучето кое ги каснало.
„Повеќето од каснатите граѓани не излегуваат на терен со нас за да ни посочат кое куче ги нападнало, додека пак оние кои излегуваат на терен со нас не можат да го препознаат кучето. Има само еден случај кога каснат граѓанин го посочил кучето што го нападнало“, велат од „Гиовски тим“.
Лани тие згрижиле 108 бездомни кучиња, кои биле здравствено третирани и вратени назад, додека осум кучиња поради лошата здравствена состојба биле евтаназирани.
П. ПЕЧКОВ