ОПШТИНА ВЕЛЕС ЛЕГАЛНО КУПУВАЛА КАНЦЕЛАРИСКИ МАТЕРИЈАЛ ПО АСТРОНОМСКИ ЦЕНИ

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ЛЕГАЛНО КУПУВАЛА КАНЦЕЛАРИСКИ МАТЕРИЈАЛ ПО АСТРОНОМСКИ ЦЕНИГрадоначалникот на Велес Аце Коцевски не кажа која книжарница од Велес ги добивала тендерите, но се сомнева дека тоа е сторено во соработка со некој од вработените од локалната власт (Фото: СДК.МК)

    Општина Велес набавувала канцелариски материјал, далеку по  повисоки цени отколку пазарните, објави градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Toj не кажа која книжарница од Велес ги добивала тендерите, но се сомнева дека тоа  е сторено во соработка  со некој од вработените од локалната власт. Преку високите цени  некој сопственик добро ќарил, се добивала екстра добивка, но не е познато каде завршувала.

    „Имало начини Општина Велес легално да биде крадена, а тоа да биде покриено со соодветни  документи, преку тендерските  постапки за јавни набавки. Општина Велес склучувала договори, кои формално правно се легални – законски, од добавувачи чии цени се далеку повисоки од пазарните. Добавувачот тоа го правел во содејство со некој од внатре од Општината.  Како  обичен граѓанин, ако влезете во било која книжарница  во градот, истите материјали ќе ги купите  далеку поевтино отколку што локалната власт ги набавувала со години, иако во  големи количества“, рече на прес-конференција Коцевски.

    Тој ова го  илустрираше со неколку примери. Така, фотокопирната хартија  А4 еден топ  се набавувал по 208,63 денари, а сега на нов теднер  ја купувале по 139,13 денари, најлонските папки досега се набавувале по 284,4 сега 84,2 денари, малите коверти 2,85 парче, а сега со нов тендер  ги набавувале  0,84 денари, ковертите средни од  5,69 денари, а сега ги набавувале по  1,68 денари. Архивските кутии досега се набавувале  189,6, а цената годинава  паднала на 84,2, а за втор вид регистратори  цената  од 104,3 паднала на  47,7 денари.

    Коцевски објасни дека  добавувачот го добивал тендерот со тоа што  нудел екстра ниски цени за работи кои локалната власт никогаш не ги порачала, а високи цени за артикли, кои  постојано се порачувале.  Така со средна цена, пониска од конкуренцијата  победувал на тендерите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира