Министерството за животна средина им одговори на велешките советници дека нивното барање за поставување пет мерни станици во градот не е во согласност со светските стандарди за мерење на квалитетот на воздухот. Ова доаѓа откако на седница на Советот власта и опозицијата се најдоа на иста страна, лути што Министерството го отфрли барањето Општина Велес да набави и постави пет мерни станици во различни делови на градот.
„Сѐ почесто се шпекулира со податоци за квалитетот на воздухот, добиени од мерења со уреди кои популарно се наречени сензори. Нивните вредности не можат да се земат предвид поради големата мерна несигурност дури и за индикативни мерења, примерот со Ѓорче Петров и Прилеп. Мерењата со мобилните сензори покажуваат поприлично нереални резултати поради тоа што тие имаат висока вредност на граница на детекција. Резултатите можат да покажат разлика и до 1.000 пати. Друга причина за несигурноста на резултатите добиени од ваквите сензори е што истите имаат висока осетливост на промени на температура и влажност. Постои голема веројатност дека не можат да се разграничат различните загадувачки супстанци“, пишува во писмената информација на Министерството.
Потсетуваат дека со мерната станица во градинката кај Тунел континуирано се мерат SO2, NO2, CO и O3. Екологистите пак реагираат дека параметрите од најопасните ПМ 10 и ПМ2,5 честички не се мерат од јули 2018, а другата мерна станица е иселена од градот.
„Жителите на стариот дел на Велес не можат да се потпираат на параметрите од мерната станица во Нова Населба. Таа не го измери ниту загадувањето од чадот кога неколку дена гореше силосот на ‘Маслодајна‘“, велат екологистите.
Од Министерството најавуваат дека сите параметри за квалитетот на воздухот во Велес ќе бидат достапни после 20 декември, кога мерната станица ќе работи целосно.
П. ПЕЧКОВ