ОПШТИНА ВЕЛЕС СЕ ОТКАЖА ОД СПОГОДБИ И НА СУД СЕ БОРИ ПРОТИВ ЛАЖНИТЕ ПРИЈАВИ ЗА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕ

    ОПШТИНА ВЕЛЕС СЕ ОТКАЖА ОД СПОГОДБИ И НА СУД СЕ БОРИ ПРОТИВ ЛАЖНИТЕ ПРИЈАВИ ЗА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕОд годинава, струмичка фирма врши заловување и стручен третман на бездомните кучиња во Велес (Фото: СДК.МК)

    Минатата година, Општина Велес исплатила речиси шест милиони денари за обесштетување на граѓаните кои биле каснати од куче. Биле регистрирани 82 вакви случаи, односно секој четврти ден еден граѓанин повел постапка оти бил каснат од куче. Оваа сума е највисока откако почна обесштетувањето на граѓаните. Од овие пари, четири милиони се исплатени на оштетените и два милиона на адвокатите.

    Анализата на ланските бројки покажува дека четири милиони денари биле исплатени за првите три месеци, до 8 април, кога е потпишан договор со осигурителна компанија за исплата на оштетените граѓани. До крајот на 2022 биле исплатени два милиона денари, а во првите три месеци од оваа година 84.000 денари, кажа градоначалникот на Велес, Марко Колев.

    „Кога дојдов на функцијата градоначалник на крајот на октомври, веќе немаше средства за оваа намена. Затоа имаме сериозна исплата од општинскиот буџет на почетокот на 2023 за постапки кои биле почнати и во 2021. Најголемиот дел од исплатата е пред 8 април, кога е склучен договорот со осигурителната компанија. Потоа имаме исплатено едно или две оштетени лица. Повеќе нема спогодба, туку се оди во судска постапка“, кажа Колев.

    Ваквата постапка, преку судот, била по насока на осигурителната компанија за да може да ја исплати сумата ако локалната власт изгуби, но и да има покритие за отштетата.

    „На суд се трудиме да докажеме дека дел од тие каснувања се лажни. Така јас како градоначалник се борам со овој проблем. Можев да оставам да исплаќаме по спогодба и да имаме огромни суми, но решив да се справам со сограѓаните кои лажно пријавуваат. Истите луѓе се каснати и во јануари и во октомври и така си обезбедуваат и огрев и зимница. Не дека нема каснувања, но голем дел се монтирани“, вели Колев.

    Според договорот со осигурителната компанија, таа покрива 90 отсто од судски признатото обесштетување, а 10 отсто локалната власт. Со обесштетувањето преку спогодба, од година во година таа сума растела, од 1,3 милиони денари во 2018 до 4,7 милиони во 2021.

    Во 2022, во велешката болница биле примени 74 пациенти каснати од куче, додека во СВР Велес имало 122 вакви пријави.

    Од годинава, струмичка фирма врши заловување и стручен третман на бездомните кучиња во градот. За надминување на овој проблем на ниво на Вардарскиот Регион, склучен е договор за изградба на регионален центар за згрижување бездомни животни, кој ќе се гради кај селото Глишиќ, Кавадарци. Од буџетот на општината ќе се издвојат 520.000 денари за почеток на неговото функционирање, но прашање е дали така ќе се намали бројот на кучињата скитници во градот.

    „Законот дозволува едно куче да биде згрижено најмногу 30 дена и потоа треба да биде вратено таму каде што е заловено. Затоа не можеме да градиме стационари“, додава Колев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира