Општина Велес и Центарот за социјални работи од Велес ќе го организираат погребот на трите деца кои вчера попладне изгореа во пожар, информираше Министерството за труд и социјална политика.
Според информациите од Министерството семејството на починатите деца на возраст од една, две и четири години, е евидентирано во системот на Центарот за социјална работа во Велес како корисници на социјална парична помош.
„Во тек е истрагата на Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи. За сите понатамошни детали од истрагата, како и за постапувањата на Центарот за социјална работа, согласно потребите и надлежностите, јавноста ќе биде информирана“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Основното јавно обвинителство од Велес информираше дека направиле увид на местото каде избувнал пожарот и според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница.
„За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата. При вршење на увидот, јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од самото место за да се утврдат причините за настанување на пожарот. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност“, соопшти Основното јавно обвинителство.
Куќата во која изгореа децата се наоѓа во шума под ридот Вршник во Велес, на тешко пристапно место, поради што противпожарните екипи од Велес вчера попладне интервенирале со две помали возила. Огнот го забележале соседите околу 15.30 часот, противпожарната екипа стигнала во 16.05 часот, а пожарот е локализиран во 18 часот. Телата на починатите деца се пронајдени откако е изгаснат огнот.
П.ПЕЧКОВ