ОПШТИНАТА КУМАНОВО ИМА НЕКВАЛИТЕТНА ИНСПЕКЦИСКА СЛУЖБА, ЌЕ ИМА НОВИ ВРАБОТУВАЊА, НАЈАВИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДИМИТРИЕВСКИ

    ОПШТИНАТА КУМАНОВО ИМА НЕКВАЛИТЕТНА ИНСПЕКЦИСКА СЛУЖБА, ЌЕ ИМА НОВИ ВРАБОТУВАЊА, НАЈАВИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДИМИТРИЕВСКИВо Општината е воведена пракса да гради кој каде сака и што сака, а притоа никој да не му смета. Следниот месец ќе барам одобрување за вработување на стручни и компетентни луѓе за да го засилам овој сектор, најави Димитриевски (Фото: СДК.МК)

    Како неквалитетни и неоспособени ги оцени инспекциските служби градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, поради што градот се соочува со сериозни комунални проблеми. Најголем недостаток се кадровскиот и стручен потенцијал на градежната инспекција и секторот за урбанизам во Општина Куманово. Поради недоволниот број луѓе, масовно се крши законот за градба и се трупаат комуналните проблеми. За да воведе ред, градоначалникот најавува нови вработувања во инспекциските служби.

    „Општината има сериозни кадровски проблеми во делот што значи квалитетна и оспособена инспекциска служба, за вршење на инспекции и контола во делот на градба. Во Куманово е воведена пракса да гради кој каде сака и што сака, а притоа никој да не му смета во тоа. Ви најавувам дека следниот месец ќе барам од Советот да добијам одобрување за времено вработување на стручни и компетентни луѓе за да го засилам овој сектор“, изјави градоначалникот Димитриевски, на последната седница на Советот на Општина Куманово.

    Општина Куманово има само тројца градежни инспектори, а потребни се 15 бидејќи покриваат општина од 115.000 луѓе. Недоволен број на вработени има и во секторот за урбанизам кои работат на постапките за легализација.

    „Инспекцијата нема правници, а согласно овластувањата има прво да пишува кривични пријави на оние коишто прват бесправна градба. Во делот на урбанизмот имаме над 16.000 барања за легализација на диво изградени објекти. Во моментот во одделението за урбанизам имаме потреба од 10 архитекти, градежни инжинери и правници со предходно искуство во управна постапка“, кажа градоначалникот.

    Димитриевски смета дека на општините им се дадени големи работни обврски, без доволно стручни капацитети за работа. Граѓаните се жалат дека има смет на секоја слободна површина во градот и дивоградби на секој чекор. Општината набави и дрон со цел полесно да ги открие дивоградбите, но уште не е ставен во функција.

    Градоначалникот Димитриевски на локалните избори ја доби подршката од граѓаните со ветување дека ќе се справи со урбаната мафија и дивоградбите, па по осум месеци крајно време е покрај декларативно, да започна и во пракса да го спроведува ветеното, коментираат граѓаните по неговите изјави во јавноста дека тој ги наследил таквите состојби од предходниот градоначалник Зоран Дамјановски- Циц.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира