ОПШТИНАТА НЕ САКА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ ПОМОШНОТО ФУДБАЛСКО ИГРАЛИШТЕ ВО ВЕЛЕС ОТКАКО УТВРДИЛА НЕДОСТАТОЦИ ПО НЕГОВАТА ОБНОВА

    ОПШТИНАТА НЕ САКА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ ПОМОШНОТО ФУДБАЛСКО ИГРАЛИШТЕ ВО ВЕЛЕС ОТКАКО УТВРДИЛА НЕДОСТАТОЦИ ПО НЕГОВАТА ОБНОВАЛокалната власт планира да му го предаде објектот на Општинскиот фудбалски сојуз. (Фото: СДК.МК)

    Фирма ангажирана од ФФМ изведува градежни работи на помошното фудбалско игралиште во Велес, со цел отстранување на недостатоците констатирани од комисија на Општина Велес, кажа градоначалникот Марко Колев. Помошното игралиште започна да се гради во мандатот на претходното раководство на ФФМ, но не беше изградено според проектот, па локалната власт одби да го прими додека не се санираат недостатоците.

    „На сегашното раководство на ФФМ им ги укажав сите забелешки за помошното фудбалско игралиште. Тие ги прифатија. Едно е пишано на хартија, а друго е изведено во пракса. Општина Велес ниту сега, ниту во иднина нема да прими таков објект. Има одредени дејствија што ФФМ ги има преземено, за водата, за прскалките, се поставија нови бусени“, кажа Колев.

    Локалната власт заедно со ЈП „Спорт и паркинзи“ планираат објектот да го предадат на користење на Општинскиот фудбалски сојуз.

    „За ваква одлука ќе треба да се изјасни Советот. Да не го стопанисува ЈП, туку ОФС Велес. На овој помошен стадион, кој има и седишта, да се играат натпреварите од Општинската фудбалска лига и женскиот фудбал за да се растовари Градскиот стадион. За таа цел, ќе издвојуваме годишни средства за негово одржување. Стадионот треба да добие нова атлетска патека“, рече Колев.

    Игралиштето започна да се реконструира на 2 јуни 2021. Тогашниот претседател на ФФМ, Муамер Сејдини, кажа дека инвестицијата е околу 400.000 евра, со средства и проект од УЕФА, а рокот на изведба беше една година. Требаше да се постави висока мрежа за да не завршува топката во Вардар, новата трибина да има 1.125 столици и требаше да биде осветлено, но не за ноќни натпревари, туку само за тренинг.

    Овој проект првпат беше најавен во јули 2018, за работите да почнат по три години. Ни по пет години од почетокот на реконструкцијата, работите не се завршени.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира