Организирано во групи, претежно од основните и средните училишта во Македонија, но и голем број намерници го посетуваат Музејот во Штип, кој се наоѓа во центарот на градот. Во павилјонот со витрини богати со стари и вредни археолошки артефакти, има и главно поставки на штипските револуционери и други позначајни личности од историјата на градот.

Пијаниното е ставено во главната одаја на еден од двата павилјона и го привлекува вниманието на посетителите. (Фото: СДК.МК)
Уште на влезот во овој павилјон вниманието го привлекува старото, но добро зачувано оригинално пијанино на Јоханес Брамс, германски композитор, пијанист и диригент со светски глас, кој живеел од 1833 до 1897 година. Дел од посетителите не можат да одолеат, па седнуваат пред пијаниното на Брамс за да отсвират некоја композиција.
„Пијаниното на Брамс ги плени посетителите. Студенти од Музичката академија во Штип многу често доаѓаат да го видат и да засвираат, но и оние кои го посетуваат основното и средното музичко училиште ‘Сергеј Михајлов‘. Мораме да имаме предвид дека се работи за вреден музички експонат и мораме да внимаваме на него, па затоа на сите посетители им укажуваме дека пијаниното е старо и има голема вредност и треба внимателно со него. Музичарите, пак, понекогаш ни укажуваат дека малку треба да се наштима“, велат од Музејот во Штип.
Се смета дека Брамс нарачал изработка на пијано од помал формат како пијанино поради потесниот простор што го имал во домот во Виена, каде ги поминал последните години од својот живот. Пијаниното на Брамс, како што пишува во официјалната музејска посвета, е донација од штипското семејство на Вера Јосифова-Хорват и Александра Јосифова-Николова.

Се смета дека Брамс нарачал изработка на пијано од помал формат поради потесниот простор во домот во Виена (Фото: СДК.МК)
Вера Јосифова-Хорват како дете во Штип посетувала основно музичко школо. Нејзин прв учител бил Сергеј Михајлов. Го завршила музичкото образование, но никогаш професионалнпо не се занимавала со музика. Во младоста живеела во Хрватска и Германија. Подоцна, од љубов кон музиката набавила уникатен музички инструмент. Пијаниното најпрвин било купено од штипско семејство кое живеело во Швајцарија, а Јосифова-Хорват го купила од него и го донела во Штип. По една деценија, одлучила пијаниното да го подари на Музејот во Штип.
Од Музејот велат дека најсигурен доказ дека пијаниното е на Јоханес Брамс е оригиналната гравирана плоча ставена во неговата внатрешност, на која пишува дека датира од 15 август 1888. Има и посвета од Брамс, кој се заблагодарува на фирмата која го изработила со зборовите: „Вашето пијанино ми го направи престојот забавен. Тоа е одличен инструмент и ќе биде модел за признание и за заслужни пофалби“.
Т. ЈОВАНОВСКИ



