По распуканиот асфалт на улицата Бурса во Битола, која се асфалтираше пред неполн месец, констатирано е уште едно оштетување на коловоз во градод, на мостот кај Довлеџик кој беше реконструиран пред две и пол години. Од Општина Битола соопштија дека констатирани се видливи знаци на оштетување и соголена арматура на самата дилатација на мостот на реката Драгор на улица Довлеџик (помеѓу бензинската пумпа „Макпетрол” и црквата „Св. Архангел Гаврил“), кои се опасност во сообраќајот.
Побарано е од изведувачот итно и неодложно да почне санација и на ова оштетување.
Договорот за изградбата на мостот на реката Драгор на влезот кај Довлеџик беше доделен од Општина Битола во 2021. Но, целосната изградба и реконструкција на мостот заврши на крајот на 2023, кога беше ставен во употреба со потпишување на записник од надзорниот орган за технички прием.
Од Општина велат дека овој реконструктивен зафат уште е под гарантен период, така што настанатите оштетувања, според потпишаниот договор, подлежат на реконструкција од изведувачот.
Општина Битола за оштетувањата на улицата Бурса, чија реконструкција чинеше 600.000 евра и за мостот на Драгор го извести Министерството за транспорт и врски и бара изведувачите итно да почнат санација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА