Расфрлан, истурен и незаштитен е градежниот материјал за изградба на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер, за кој Општина Битола во изминатите две години даде околу 100.000 евра. Поточно, во 2022 година Општината му префрлила 3,8 милиони денари (62.000 евра) на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, кој стопанисува со изгорениот објект, лани два милиона денари (32.700 евра), а годинава, според изгласаниот буџет за 2024, предвидени се еден милион денари (16.393 евра).
Изградбата на домот изгорен пред 11 години стигна до првата плоча, за понатаму недостигаат пари. Но, беше потребна и поголема грижа за дел од набавените и платени градежни материјали, кои беа оставени на отворено пред домот, без заштита. Дваесетина вреќи со цемент сега се оштетени од атмосферските влијанија.
Од ПСК „Пелистер“ во неколку наврати изјавуваа дека досегашните средства не се доволни за целосна обнова на домот, а од Општината рекоа дека ќе помогнат и годинава, но клубот мора да си најде и други средства.
Иницијативата Општината финансиски да помогне во обновата на „Копанки“ беше на советничката група „Поинаку“. Од префрлените 3,8 милиони денари пред две години се изработи проект, се направи ревизија, се избраа надзор и градежна фирма и обновата започна. Во меѓувреме се растури советничкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“, а годинава се намалени средствата за реконструкција на домот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА