Градоначалникот на Општина Ново Село Боро Стојчев до новогодишните празници може да се врати на на функција откако Штипска апелација му ја намали казната од 18 на 6 месеци затвор за сторено кривично дело „обид за шверц на цигари“. Согласно законот за локална самоуправа, Стојчев нема ограничувања да ја продолжи функцијата градоначалник, бидејќи нема казна затвор над 6 месеци за да му дојде до престанок на мандатот.
„На градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци“, меѓу другото стои во членот 54 од законот за локална самоуправа.
Градоначалникот Стојчев три месеци помина во притвор кои му се сметаат како дел од казната. Треба да одлежи уште толку во затворот во Струмица. Тој може и порано да се врати на функцијата градоначалник доколку поднесе барање за одложување на казната заради итни и неодложни обврски до Судијата за извршување санкции.
Освен на градоначалникот на Ново Село, штипска апелација ги намали казните и на останатите обвинети. Неговиот син и внук, од една година добија по три месеци затвор, колку што доби и петтообвинетиот. Тие за некој ден ќе бидат ослободени.
За сопругата на Стојчев која беше осудена на една година условно доколку не го повтори делото во наредните две години, пресудата останува иста.
Градоначалникот на Ново Село на 10 јули заедно со уште четворица лица беа фатени како пренесуваат 3 илјади и 300 штеки цигари од марката „калипсо“ во близина на македонско бугарската граница во вредност од 3 милиони и 200 илјади денари. Јавното обвинителство пред главната расправа во струмичкиот суд го преиначи кривичното дело од „криумчарење“ во „обид за пренесување непријавена стока“
В. ТРАЈКОВ