ОСУМ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЗАЧОТ КОЈ ПИЈАН ГО ПРЕГАЗИ 33-ГОДИШНИОТ МАРТИН ДИМИТРОВ ОД КРАТОВО

    ОСУМ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЗАЧОТ КОЈ ПИЈАН ГО ПРЕГАЗИ 33-ГОДИШНИОТ МАРТИН ДИМИТРОВ ОД КРАТОВОРодителите на Мартин, Орце и Убавка Димитрови, ќе бараат обвинителството да поднесе жалба на пресудата, а велат ако казната била повисика тоа ќе им било барем малку утешително. (Фото: СДК.МК)

    Во Основиот суд Куманово денска беше изречена пресудата од 8 години затвор на возачот Златко Јовановски од Кратово, кој во алкохолизирана состојба минатата година го усмрти пешакот Мартин Димитров (33) од Кратово. Јовановски е неправосилно осуден за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

    Тој на 19 јануари 2024 во 17.25 часот со автомобил удрил во Димитров и му нанел сериозни повреди, од кои почина на 12 март 2024 по 50 дена поминати во болница во Скопје.

    На изрекувањето на пресудата не присуствуваше осудениот Јовановски, ниту неговиот адвокат, туку само родителите на Мартин, Орце и Убавка Димитрови.

    „Не сме задоволни од пресудата. Требаше доживотно да го осудат, за да го доболи како нас и да види како е, да биде поука за другите. Моето дете нема никогаш да се врати, ниту да го видам, а тој ќе одлежи и ќе излезе од затвор. Овие стресови и овој жал не може да ја замени ниту една казна. Многу е болно, златно дете на 33 години ми утепа. Пијаница. Тешко, многу тешко. Немаме мира целото семејство, здравјето целосно ни се наруши. Уште не ми се верува дека го нема. Секој ден го чекам дека ќе се појави од некаде. Никој да не ја доживее нашата трагедија“, вели во солзи мајката Убавка, скршена од болка, покажувајќи ни слика од синот.

    Тие ќе бараат обвинителството да поднесе жалба на пресудата, а велат ако казната била повисика тоа ќе им било барем малку утешително.

    Мартин е прегазен лани на празникот Богојавление, додека трчал покрај регионалниот пат. Во него удрил Јовановски, кој не му пружил помош веднаш туку заминал во блиската продавница да донесе вода да го освести. Таму на никого не кажал што се случило. Иако попладнето испил 3-4 чашки ракија, тој седнал  да вози, бидејќи порано 15 години бил професионален таксист и се чувствувал сигурно. По несреќата му биле регистрирани 1,4 промили алкохол во крвта.

    Јавниот обвинител и полномошникот на законскиот застапник сметаа дека алкохолот е главна причина за несреќата, а Јовановски го посочија како исклучиво виновник за трагедијата на семејството Димитров. Одбраната, пак, тврдеше дека одговорноста е на пешакот, кој не смеел да се движи по десната страна на коловозот на јавен и неосветлен пат надвор од населено место.

    Очевидци на несреќата нема, а семјството тврди дека Мартин дента после ручекот кога излегол да трча на себе имал и светлосно елече. Каде тоа исчезнало, тие не знаат. Мартин работел во Германија, и како и секоја година дошол за празниците, и за неколку дена треба да се врати, но смрта засекогаш ги прекинала неговите планови.

    САКАМДАКАЖАМ.МК во 2023 и 2024 пишуваше за тешката правна битка на таткото на Мартин, Орце Димитров, кому од 2004 (на негова 38-годишна возраст) му била констатирана Паркинсонова болест, и кој три и пол години го убедуваше Фондот за здравство дека бара пари за лекување, за операција во странство, а не за дијагноза. Дијагнозата нему му беше утврдена на Универзитетската клиника за неврологија, во ГОБ „8 Септември“, во болница во Љубљана и и на повеќе други места. Сите невролози, како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК, препорачаа операција во странство за Орце за да може да продолжи да живее. Конечно, во декември 2024 доби пари за операција и во болница во Истанбул и му беше вградено апаратче-стимулатор на мозокот со што му се подобри квалитетот на живот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира