Ниту по 8 месеци нема никакви градежни активности на делницата од регионалниот пат Богомила – Стровија. Таму се работеше до крајот на ноември лани, по што поради зимските услови работите беа прекинати, но никако да продолжат. Реагираат жителите од регионот на Азот, кои со децении чекаат да се изврши поврзување со Прилеп, за да не мора да патуваат за Пелагонија преку Градско и Кавадарци.
„Не знаеме зошто но не се изврши асфалтирање на неколкуте километри кои останаа за да се поврзе патот со веќе претходно завршениот дел. Очекувавме дека пролетва ќе се работи, но ништо од нашите надежи. Патот кој беше тампониран, а требаше да се асфалтира се уништува“, велат жителите на Богомила.
Директорот на ЈП Македонија пат Беким Мехмеди на почетокот од јуни најави дека за десетина дена ќе започне асфалтирањето на преостанатата, незавршена делница од Стровија до Богомила. Но од ветувањето нема ништо. Директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми деновиве најави дека ќе продолжат со градежните активности, но не прецизираше кога.
„За кратко време ќе почнеме да го реализираме овој проект“, рече Рустеми.
Прашан дали може да каже рокови во денови или седмици, дополни: „Не сакам да зборувам за рокови, ние интензивно работиме“.
Минатата година се асфалтираше патот во прилепскиот дел, од Гостиражни до Стровија, во должина од 6,5 км. По завршувањето на делницата во Азот, овој дел од Македонија ќе биде поврзан со асфалтиран пат до Пелагонија. Жителите на Богомила и регионот, сега ако сакаат со автомобил да патуваат за Прилеп, Битола мора да возат преку Велес и Плетвар.
П. ПЕЧКОВ