ОСУМ МЕСЕЦИ СЕ ЧЕКА НА НОВИОТ ПАРКИНГ И ПАРК ВО ЦЕНТАРОТ НА БИТОЛА

    ОСУМ МЕСЕЦИ СЕ ЧЕКА НА НОВИОТ ПАРКИНГ И ПАРК ВО ЦЕНТАРОТ НА БИТОЛАЛани беа урнати дивите гаражи, но просторот уште стои неуреден.(Фото: СДК.МК)

    Осум месеци од отстранувањето на дивите гаражи, Општина Битола уште го нема уредено просторот зад зградите на поранешен ЈАТ во центарот на градот. Местото сега е калливо и несредено. Гаражите и покрај отпорот на станарите од околните згради беа отстранети лани на 18 август, кога им беше ветено дека просторот партнерно ќе се уреди во паркинг и  парк.

    „Со месеци чекаме да се среди местото, но без успех, прво ни беше кажано дека до октомври ќе биде уредено, па до мај годинава, па сега на лето. Кога ги демонтираа гаражите им рековме дека немаат сообраќајно решение, ни идеен проект и дека ќе помине време додека да ги направат, а нас колите ни останаа незаштитени на отворено“, велат станарите.

    Непочнатото уредување на овој простор е една од причините за несогласувањата што избија во Советот на Општина Битола. На последната седница пред три дена, граѓанската иницијатива Поинаку критикуваше дека во неколку наврати донеле точки поврзани со уредување на просторот, а до тоа не дошло. Па, сега гласаа против новата олдука за прераспределба на нови средства од буџетот -за партерно уредување на просторот.

    „По осум месеци јас не знам која е по ред оваа одлука што ја носиме и уште колку одлуки овој Совет треба да донесе за конечно да се уреди просторот. Кога ја носевме првата одлука, како советници бевме известени дека тој простор ќе биде уреден до крајот на октомври. Не се уреди, имало проблем со проектот за одводнување. Потоа ни беше кажано дека ќе биде уреден до крајот на мај, но откако ја донесеме одлуката на 7 март и тогаш ништо не се случи. Нема повеќе да гласаме за вакви одлуки, бидејќи сметам дека некој го злоупотребува овој Совет“, рече претседателката на Советот Габриела Илиевска од Поинаку.

    Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Бојкоски, кој воедно е и заменик-градоначалник, ги замоли сите советници да гласаат за да почне јавната набавка за уредување на просторот.

    „Изработен е проект, се оди со систематско решение на проблемот, одводнување, партерно уредување и осветлување, за еднаш засекогаш да биде решен проблемот со поплавувањето на визбите“, рече Бојкоски.

    Одлуката за туркање на гаражите беше донесена лани летото, кога за неа гласаше советничкото мнозинство. Но, на последната одлука од пред три дена, Поинаку и Левица гласаа против, а точката помина со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира