Група од осум штипјани со своите осум автомобили „застава 750“, популарно познати како „фиќо“, вечерва заминуваат за Виена каде ќе присуствуваат на одбележувањето на 10-годишниот јубилеј на меѓународниот автомобилски клуб „Застава“ во главниот град на Австрија. Членовите на клубот потекнуваат од Штип и од неколку други градови во Македонија, а живеат во Германија, Швајцарија и другите соседни земји.
„Нашата штипска група ја има етапата Нови Сад-Загреб-Виена, другата група тргнува од Нинберг, Германија, а третата од Швајцарија, и сите ќе се собереме во Виена“, вели водачот на штипската група Игор Неделков.
Неделков вели дека ова не нивно прво патување со „фиќо“. Досега со нивните стари, но добро зачувани и исправни автомобили, патувале во Босна и Херцговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Германија.
Неговиот колега Кире Киров вели дека обично практикуваат на враќање да минат една југословенска маршрута од Триглав до Гевгелија и Штип.
„Ваквите патувања се трошок, ама задоволството е преголемо. Секаде каде што минуваме го привлекуваме внимнието на локалните жители, запознаваме нови луѓе, шириме пријателство со сите, а средбите што ги имаме со другите групи се незаборавни,“ велат останатите од автомобилската група од Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ