ОСУМНАЕСЕТ ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ ВО ВИНИЧКАТА ФАБРИКА „МАКПРОГРЕС“, СТОПАНСКАТА КОМОРА НАЈАВИ КРИЗЕН ШТАБ ЗА ПОМОШ

    ОСУМНАЕСЕТ ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ ВО ВИНИЧКАТА ФАБРИКА „МАКПРОГРЕС“, СТОПАНСКАТА КОМОРА НАЈАВИ КРИЗЕН ШТАБ ЗА ПОМОШВо Болницата во Кочани задржани се четворица пожарникари со полесни изгореници, осуммина се на Токсикологија во Скопје. (Фото: ДПД Кочани)

    Вкупно осумнаесет лица се примени синоќа во кочанската Општа болница со повреди во пожарот во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница, дел се задржани во Кочани, дел од нив се препратени на клиниките во Скопје, но сите се во стабилна состојба, изјави за МИА Оливера Цимбаљевиќ, анестезиолог, раководителка на Одделението за анестезиологија и реанимација во кочанската Општа болница.

    Министерството за здравство попладнево соопшти дека хоспитализирани се: една пожарникарка во Клиничката болница во Штип, четири пожарникари во Општата болница во Кочани, осум вработени во фабриката на Клиниката за Токсикологија во Скопје. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба.

    Доброволното противпожарно друштво (ДПД) од Кочани објави дека е повреден еден нивни пожарникар, кој по укажаната помош е пуштен на домашно лекување.

    При неколкучасовна интервенција на многубројните противпожарни екипи, неколкумина пожарникари добиле изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.

    „При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згаснале во стопената смеса“, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

    Во пожарот се уништени три производствени погони на „Макпрогрес Винчини“, која е и најголемиот стопански објект во оваа општина. Пожарот избувна во 18:40 часот и во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, од кои два магацини. Сите имале сончеви панели на кровот.

    Стопанската комора најави дека заедно со сопствениците ќе формира кризен штаб.

    „Вчеравечер околу 19:20 часот, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески беше известeн од сопственикот на ‘Макпрогрес’ Виница, Глигор Цветанов, дека во фабриката има пожар. Веднаш беше алармирана Владата, премиерот, како и вицепремиерот и министер за транспорт, кои ги дадоа потребните наредби за спасување на целокупната фабрика, но и покрај интензивните активности, мора да се констатира дека три клучни погони се целосно уништетни. Комората презема активности за целосно нормализирање на состојбите“, се вели во соопштението од Стопанската комора.

    Основана е пред 35 години, „Макпрогрес Винчини“ е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија, 75% од производството е наменето за извоз, а производите се извезуваат во 45 држави.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира