Малата црква „Успение на Св. Богородица“, која се наоѓа во комплексот на Лешочкиот манастир, спаѓа меѓу најстарите и многу значајни цркви за македонската историја. Според некои сознанија, изградена била во 10. век, била возобновена во првата половина на 14. век, а сегашниот лик го добила во време на турското управување. Иако е ставена под заштита на државата како културно-историски споменик, долго време беше запоставена. Беа извршени поправки на покривот, но поради нестручната изработка, тој со години протекуваше, а влагата оштети голем дел од фреските. Минатата година покривот повторно беше саниран, а пред крајот на 2020 се започна со конзерваторска работа за обнова и истражување на фрескоживописот во црквата.
„Се спроведува еден сложен зафат каде што правиме раслојување на ѕидното сликарство според периодите кога се правени фреските. Во овој дел на апсидата наидовме на три слоја фрескосликарство“, вели Владо Муковски, советник конзерватор за ѕидно сликарство.
Раслојувањето е зафат кој бара висока стручност бидејќи не се работи за едноставно отстранување на слоевите, туку и за нивно зачувување. Затоа зафатот го изведува стручна екипа од Националниот конзерваторски центар.
„Досега раслоивме неколку позиции. Најстариот слој најверојатно датира од 14. век, но, за жал, наидовме на малку фрагменти. Вториот слој е од 17. век, третиот од 19. век и тоа е оној што сега може да се види во црквата. Проектот предвидува да го тргнеме последниот слој во оние делови каде што е најмногу оштетен и да се презентира слојот од 17. век. Ова, сепак, е долгорочна работа. Во нашето фрескосликарство, во апсидата на црквите најчесто биле претставувани ликовите на архиереите. Останува дилемата дали да се тргне и слојот од 17. век за да видиме што има во слојот од 14. век, но за тоа ќе се одлучува понатаму, откако ќе добиеме повеќе информации во наредните фази од истражувањето, бидејќи не знаеме колку е сочуван тој најстар слој фрески. Сега работиме парцијално на деловите од фрескоживописот каде што е најоштетен. Го тргнуваме оштетениот слој од 19. век на оние места каде што имаме податоци дека слојот од 17. век е добро зачуван. Слојот што го тргнавме ќе се постави на платно и потоа ќе биде изложен во конаците на Лешочкиот манастир или на некое друго место. Ова е првиот дел од реставрацијата, зафатот ќе продолжи и оваа година, а можеби и во наредните години“, вели Муковски.
Во Лешочкиот манастир се реконструира и стариот конак, кој исто така е под заштита на државата. Неговиот надворешен изглед ќе биде зачуван, а се зајакнува конструкцијата и се обновува внатрешноста.
„Извадени се гредите од сите три ката и поставени се масивни плочи, сменет е и покривот на еден дел од конакот. Во наредниот период ќе се уредуваат собите, ќе се стават прозорци и ќе се изградат кујна и трпезарија, кои ќе бидат во приземјето. Конакот ќе има повеќе соби за сместување на посетителите“, вели отец Александар Станковски од Лешочкиот манастир.
З. АНДОНОВ