ОТРОВОТ СО КОЈ БЕА УБИЕНИ 40 КУЧИЊА ВО КИЧЕВО МОЖЕ ДА УСМРТИ И ДЕТЕ, АКТИВИСТИТЕ БАРААТ АКЦИЈА ОД МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ОДГОВОРНОСТ ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДЕХАРИ

    ОТРОВОТ СО КОЈ БЕА УБИЕНИ 40 КУЧИЊА ВО КИЧЕВО МОЖЕ ДА УСМРТИ И ДЕТЕ, АКТИВИСТИТЕ БАРААТ АКЦИЈА ОД МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ОДГОВОРНОСТ ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДЕХАРИЖивотните биле убиени со супстанции што можат да усмртат и човек, а на дел од нив имало и траги од огнено оружје, велат активистите. (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните и активистите за заштита на животните бараат итна реакција од Обвинителството и МВР, јавна одговорност од градоначалникот Фатмир Дехари и раководството на Oпштината, како и инспекциските служби на терен за убиството на 40 кучиња што се случи пред два дена во Кичево. Телата на животните биле пронајдени на различни локации низ градот, меѓу кои и во близина на основното училиште „Санде Штерјоски“ каде десетината пцовисани кучиња, а дел од нив и во самиот школски двор, повеќе од осум часа не беа подигнати од улиците и тротоарите.

    Од Општината сѐ уште нема осуда ниту било каква информација за убиството на 40 кучиња.

    Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека животните биле убиени со супстанции што можат да усмртат и човек, а на дел од нив имало и траги од огнено оружје.

    „Да се проверат камерите, да се фатат сторителите, да има индивидуална и институционална одговорност за оваа ликвидација. Такво нешто може да направи само масовен убиец, психопат или институција што организира ликвидација – никој не тепа цел град животни сам“, велат од здружението.

    Оттаму бараат да се спроведе итна истрага.

    „Фатмир Дехари, прашуваме јавно: дали е нормално во вашиот град да се убиваат животни со екстремно разорни отрови што за помалку од пет минути можат да усмртат дете? Дали е нормално некој вооружен да шета низ градот и да стрела по животни додека граѓаните спијат? Пријавивте ли во полиција? Како за половина час беа собрани и фрлени 40 трупа од страна на ‘Кичевски Комуналец’ – без полиција, без увид, без истрага, иако на дел од телата има траги од огнено оружје? И каде се, зошто ги нема на депонија?“, прашуваат од „Анима мунди“.

    Додаваат дека Кичево со години има проблем со прекубројност на бездомни животни, но дека убиствата не се решение.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира