ОТВОРЕНА ПРОТИВПОЖАРНА СТАНИЦА ЗА ОПШТИНИТЕ ТЕАРЦЕ И ЈЕГУНОВЦЕ

    ОТВОРЕНА ПРОТИВПОЖАРНА СТАНИЦА ЗА ОПШТИНИТЕ ТЕАРЦЕ И ЈЕГУНОВЦЕПротивпожарната станица е дел од Пожарната бригада на Општина Тетово и засега ќе ја опслужуваат 8 пожарникари од Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Општините Теарце и Јегуновце добија противпожарна станица. Се наоѓа во близина на селото Лешок и е лоцирана на самиот магистрален пат Тетово-Јажинце. Со нејзиното пуштање во употреба значително ќе се намали времето потребно за гаснење пожари и други интервенции во овој дел од Тетовскиот Регион. Противпожарната станица е дел од Пожарната бригада на Општина Тетово и засега ќе ја опслужуваат осум пожарникари од Тетово.

    „Отворањето на оваа противпожарна станица е во рамките на нашиот проект за проширување на капацитетите на Пожарната единица од Тетово. Почнавме во Општина Желино, а денеска сме тука да ја промовираме оваа станица, која ќе ги покрива општините Теарце и Јегуновце. Во иднина очекуваме да се отвори пожарна и за општините Боговиње и Брвеница“, изјави градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами.

    Барањето на жителите од општините Теарце и Јегуновце за отворање ваква станица е од многу одамна, бидејќи поради нивната оддалеченост од Тетово често се случувало пожарните возила да стигнуваат до местото на пожарот со големо задоцнување. Токму затоа, градоначалникот на Општина Теарце, Даут Мемиши и градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиновски, изразија голема благодарност до Општина Тетово и тетовската Противпожарна бригада што направиле напор една ваква станица да се отвори и за нивните општини.

    „Ова е историски датум за општините Теарце и Јегуновце, поради тоа што со години се трудевме да се отвори една ваква противпожарна станица. Засега оваа противпожарна станица ќе ја опслужуваат осум пожарникари од Тетово, а ќе работи само преку ден. Очекуваме наскоро нејзино доекипирање за да може да работи 24 часа. Сега имаме на располагање две противпожарни возила, а наскоро ќе добиеме уште едно големо возило“, изјави Авни Амети, командир на тетовската Противпожарна бригада.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира