Денеска се пушта во сообраќај главната делница од експресниот пат Штип-Радовиш, од обиколницата Југ-Штип до Бучим, во должина од 23 километри. Должината на целиот пат Штип-Радовиш ќе изнесува 39 километри.
Од Министерството за транспорт и врски соопштуваат дека оваа делница е изградена пред рокот, а во наредниот период, изведувачот „Страбаг“ ќе работи на двете одвоени делници, од Три Чешми до обиколницата Југ-Штип и од Бучим до Радовиш, во вкупна должина од 16 километри.
Експресниот пат има две ленти со широчина од 3,5 метри, а располага и со два метра простор од двете страни, предвиден за застанување на патот. Досега се изградени речиси сите планирани 11 мостови, три надвозници и два подвозника, како и 23 пропусти. Максимално дозволената брзина е 110 километри на час.
Неколку месеци се работеше и на новиот мост на Брегалница пред обиколницата Југ-Штип и извршена е санација на стариот мост. Истовремено се реконструираше стариот пат од Југ-Штип до Бучим, во што се инвестирани три милиони евра.
Вкупната инвестиција на патот Штип-Радовиш изнесува над 42 милиони евра. Со него ќе се подобри патната инфраструктура за Радовиш и Струмица, а со новиот автопат Три Чешми-Миладиновци значително се скратуваат должината и времето за патување од Штип, Струмица и Радовиш до Скопје.
Т. ЈОВАНОВСКИ