Учениците да не излегуваат по јавни места како кафулиња, ноќни клубови, ресторани и други места за забава како би се спречиле појавата и ширењето на коронавирусот, апелираат дел од средните училишта во Битола на нивните интернет-страници, откако наставата беше прекината со одлука на Владата. Тие реагираат откако дел од средношколците ова го доживеаја како распуст, па уште во вторникот вечерта, а и вчера ги наполнија кафулињата, пицериите и слаткарниците.
„Ги известуваме сите ученици да се придржуваат до препораките на Министерството за здравство и Владата за превенција од коронавирусот, да не посетуваат воннаставни и други приватни активности, како курсеви, обуки, културно-уметнички друштва, спортски тренинзи и спортски натпревари и да не излегуваат на јавни места како кафулиња, ноќни клубови, ресторани и други места за забава, како би се спречиле појавата и ширењето на вирусот“, пишува на интернет-страницата на средното општинско училиште „Таки Даскало“ од Битола.
И гимназијата „Јосип Броз Тито“ им порача на своите ученици да бидат совесни граѓани и да избегнуваат собири со повеќе луѓе.
Во меѓувреме, меѓу средношколците се крена паника со лажна вест објавена на социјалните мрежи дека професорка од Средното медицинско училиште била на скијање во Италија заедно со заразената директорка на Клиниката за кожни болести во Скопје. Од училиштето се огласија со демант и велат дека направиле проверки кај сите нивни вработени, по што се потврди дека станува збор за шпекулација затоа што ниту еден вработен не бил на скијање во Италија.
„Некој сака непотребно да шири паника и да наштети на угледот на училиштето“, реагираше в. д. директорката на ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, Наташа Илиева.
Битолчани реагираат дека училиштата се празни, но полни се игротеките, каде што се прославуваат родендени и се канат соученици и другари, па на прославите има и по триесетина деца.
Ж. ЗДРАВКОВСКА