ПАДНА ПОКРИВОТ ОД ДОМОТ „ЗНАЊЕ-ИМАЊЕ“ ВО БИСТРИЦА, СО ГОДИНИ НЕМАШЕ НИ ЗНАЕЊЕ, НИ ИНТЕРЕС ДА СЕ СПАСИ

    ПАДНА ПОКРИВОТ ОД ДОМОТ „ЗНАЊЕ-ИМАЊЕ“ ВО БИСТРИЦА, СО ГОДИНИ НЕМАШЕ НИ ЗНАЕЊЕ, НИ ИНТЕРЕС ДА СЕ СПАСИПо долгогодишната негрижа и снегот што падна минатата недела, дел од покривот се сруши, а керамидите што паѓаат се опасност за учениците бидејќи Домот е прилепен до училиштето „Крсте Петков-Мисирков“ во битолското село Бистрица (Фото: СДК.МК)

    Некогаш бил Дом за млади, а денес ни за стари зашто прерасна во руина, а покривот деновиве се сруши. За објектот во битолското село Бистрица меѓу народот познат и како Дом „Знање-имање“, бидејќи во поранешна Југославија салата луксузно била опремена за да се сними едно издание од популарната ТВ-емисија, во изминатите години се немало ни знаење, а помалку интерес да се направи. По долгогодишната негрижа и снегот што падна минатата недела, дел од покривот се сруши, а керамидите што паѓаат се опасност за учениците бидејќи Домот е прилепен до училиштето „Крсте Петков-Мисирков“.

    „Кога се сруши покривот, среќа што децата беа на час, не беа во дворот, инаку можеше некое да се повреди. Бараме да се санира и да се направи нов покрив, внатре да се среди оти е прилепен до школото. Се ветуваше уште кога се правеше школото 1998 година, тогаш бев претседател на месна заедница, дојдоа тука од Скопје, од власта. Едни велеа под култура е, други под просвета е, пари не префрлија ни ваму, ни таму. Срамота во едно школо вакво убаво изградено, оваа грдосија да биде“, вели Герман Стојчев, жител на Бистрица.

    Дел од жителите се расправаа која политичка партија порано го ставила скелето да го реновира домот. Проблемот иако сериозен, дел од дискусиите беа и пародични. Јонче Соклевски од Бистрица рече дека на објектот било ставено скеле, па додаде „беше еден инженер Заев од струмичко тука, тој беше надзор на школото“, а откако новинарите го прашаа кога беше тоа, рече пред многу години. Друг бистричанец Драги Талевски пак, рече: „Кога ги доби ВМРО првите избори по СДСМ ставија тука скеле ќе го правеа, ни го направија ништо“.

    Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека градоначаничката Нaташа Петровска ветила оти ќе го претвори во спортска сала, а не го исполнила ветувањето. Директорот на школото Димитар Пипилевски пак, возврати дека таму сала ќе градел ексградоначаникот Владимир Талески, но немал личен интерес, па се откажал.

    „Ветувањата на локалната власт дека ќе има моќни урбани и месни заедници кои ќе служат како катче за дружба на граѓаните, останаа празни ветувања. Ги оставија урбаните и месните заедници под клуч, на забот на врмето. Последен пример за тоа е Домот за млади во Бистрица кој остана пропаднат и без покрив, што ја загрози безбедноста на учениците“, рече Горан Степановски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Директорот на училиштето Пипилевски соопшти дека во понеделник е договорено со Општината и комуналните служби расчистување на покривот, по што ќе следува и санирање на целиот објект. Веднаш по рушењето на покривот била повикана екипа од Општината на увид, а местото е обезбедно со црвени ленти и дежурни вработени за не биде некој повреден.

    „Зарем на ВМРО-ДПМНЕ му беше проблем во претходните 12 години да издвои средства за санација на покривот? Верувам дека со средствата одвоени за филџанот на кружниот тек, мостот, спомениците, киното Лименка (се мисли на „Манаки“) и ред други несфатливи вложувања сите училишни објекти ќе беа санирани“, рече Пипилевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира