Попладнево падна потпорен ѕид на булеварот Борис Трајковски во скопската населба Пинтија. По невремето кое го зафати Скопје, ѕидот се урна и земјата се излизга до самиот булевар. Засега не се пријавени штети.
Од Град Скопје велат дека екипите на ЈП Улици и патишта веднаш интервенирале и вршат расчистување на теренот.
“Се работи за разрушен потпорен ѕид во должина од над 30-тина метри, а причина за негово оштетување се неповолните временски услови односно наносот на поројниот дожд кој овие два дена го зафати Скопје. Се работи на отстранување на градежниот шут кој е настанат како последица на разрушувањето на потпорниот ѕид, за истиот да не преставува опасност при движењето на возилат”, велат од Град Скопје.
Ѕидот беше изграден кога се прошируваше тогашната улица Првомајска во булевар Борис Трајковски во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски.