За првпат, Советот на Општина Битола ги разреши управните и надзoрните одбори на јавните претпријатија поставени од локалната власт, а кои работат со загуба. Советниците од довчерашната владеачка коалиција, предводенa од ВМРО –ДПМНЕ, ја напуштија седницата. Останатите советници кои ги изгласаа шесте точки за пад на управните и надзорните одбори најавија граѓански управни тела. За разрешување гласаа опозиционата СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ кои на овој начин создадоа своевидно ново мнозинство во Советот. Разрешени се управувачките тела на Водовод, Комуналец, Пазари, Паркинзи, Жабени и КИЦ.
„Уште еднаш е прекршен деловникот за работа на Советот на Општина Битола, а уште потрагично прекршен е и Законот за јавни претпријатија и на седница на Советот влегоа точки што се надвор од закон. Укажавме во процедурална забелешка, беше одржана и Комисија за статут, но некое ново мнозинство очигледно сака да ги крши законите и како и пред некоја седница, да се ставаат точки на дневен ред кои не се во согласност како со законот и со деловникот. Ние, доколку овие точки бидат усвоени, се надеваме дека градоначалникот нема да ги потпише и нема да бидат валидни“, рече Ѓорги Ѓоргоевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Управните и надзорните одбори беа разрешени по иницијатива на советникот Методија Илиевски од СДСМ , партија која за време на седницата беше во опозиција.
„Да имаме во Општина Битола граѓански управни одбори, а не криминални на ВМРО-ДПМНЕ. Јавните претпријатија имаат завршни сметки со долгови откако пред една година на сила ги променија управните одбори. ВМРО-ДМПМЕ и коалицијата доживува фијаско, заборувам како советник повеќе од 10 години и во три мандати, ова е триумф, колеги ви се поклонувам на храброста и мудроста и обврската што ја имаме пред граѓаните. За првпат претпријатијата да бидат претставени од граѓаните во одборите што ќе ги одбереме, ентузијасти и интелектуалци да ги водат кои ние ќе ги избереме“, рече Илиевски.
Горан Велковски од Левица изрази увереност дека со шареноликоста во Советот ќе се преслушаат одговорните лица и ќе го сменат курсот на делување во насока на заеднички интерес на битолчани, а во спротивно ќе остават белег како распашена команда и неспособен Совет.
Ж. ЗДРАВКОВСКА