ПАК ГОРИ СКОПСКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА ВАРДАРИШТЕ, АКО НЕМА ТРАЈНО РЕШЕНИЕ ЌЕ ИМА БЛОКАДИ

    ПАК ГОРИ СКОПСКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА ВАРДАРИШТЕ, АКО НЕМА ТРАЈНО РЕШЕНИЕ ЌЕ ИМА БЛОКАДИВардариште, која се наоѓа на 6,5 км од Владата, пак гори по 7 месеци. (Фото: Стоп за Вардариште)

    Скопската дива депонија Вардариште денеска повторно е запалена, а тешка миризба на чадот се чувствува во поголем дел на Скопје. Последен пат Вардариште, која се наоѓа на 6,5 км од Владата, гореше пред 7 месеци.

    „Преку 112 добиена е пријава за пожар во депонијата Вардариште. Од 17:30 до 18:40 часот, Противпожарната бригада на Град Скопје интервенирале на површина од 1.000 метри квадратни на улица Перо Наков. Интервенцијата ја извршиле со 2 возила и 6 пожарникари. Пожарот е изгаснат“, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    На 3 јануари, граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ која ги предводеше повеќемесечните протести во Аеродром поради честото палење, објави дека на состанокот на 30 декември градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски им ветил дека Божиќ ќе почне површински да се чисти депонијата. Им било речено дека депонијата ќе ја чистат екипи на ЈП „Улици и патишта“ и механизација од Општина Гази Баба, а ќе бидат ангажирани и приватни фирми.

    „Ова е последно предупредување од наша страна! Доколку не се испочитува договореното, не се стави целосен крај на загадувањето што го предизвикува Вардариште и ваквите палења се повторат, нема да останеме мирни, а ќе бидеме приморани и на потенцијално ново активирање на блокадите. Ги повикуваме сите надлежни институции да реагираат итно и со највисок степен на сериозност, а Министерството за внатрешни работи да го вратат полициското присуство на депонијата. Нема да дозволиме Вардариште повторно да го труе Скопје!“, соопштија вечерва од „Стоп за Вардариште“.

    На 3 јануари, од  „Стоп за Вардариште“ рекоа дека на состанокот не беше посочен конкретен рок кога ќе се исчисти депонијата бидејќи процесот зависи од згрижувањето на ранливото население, за што е надлежно Министерството за социјална политика, демографија и млади. Рекоа дека според заменик-министерот Ѓоко Велковски, оваа постапка треба да заврши до крајот на 2026, а за неа веќе постои владина одлука.

    На состанокот на 30 декември било кажано дека по празниците ќе биде објавена тендерска постапка од Град Скопје за одгаснување на депонијата, а целосната проектна документација, вклучително и ревизија на физибилити студијата од 2014 година, треба да биде готова до крајот на мај. Ѓорѓиевски ветил дека почетокот на одгаснувањето е планиран за август, а целиот процес ќе биде отворен за медиумите и јавноста. Од „Стоп за Вардариште“ било укажано дека при последните посети на депонијата бил забележан само еден полицаец во цивилно возило. Ѓорѓиевски рекол дека ЈП „Комунална хигиена Скопје“ врши надзор и спроведува вечерни патроли.

    Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори вети дека во неговиот четиригодишен мандат ќе направи парк на местото на депонијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира