ПАНЧЕВСКИ НЕ ГО РАЗБИРА ОБВИНЕНИЕТО ОТИ ГО ПРИМИЛ ДОДЕКА Е ВО ПРИТВОР

    ПАНЧЕВСКИ НЕ ГО РАЗБИРА ОБВИНЕНИЕТО ОТИ ГО ПРИМИЛ ДОДЕКА Е ВО ПРИТВОРденешната главна расправа беше прекината, продолжението е најавено за понеделник во 10 часот во Основен суд Велес, а тој е вратен во Шутка, откај што беше спроведен утринава во судот. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Владимир Панчевски на денешното прво рочиште за злоупотребите на АКМИС-от во Основниот кривичен суд додека бил претседател, се изјасни дека не го разбира обвинението за кое се товари. Затоа, денешната главна расправа беше прекината, продолжението е најавено за понеделник во 10 часот во Основен суд Велес, а тој е вратен во Шутка, откај што беше спроведен утринава во судот.

    Нему му се суди за кривичното дело ,,Злоупотреба на службената положба и овластувањата“. Обвинителката Цветанка Богоевска во подолгото презентирање на обвинителниот предлог рече дека обвинетиот како службено лице – претседател на Основен суд Скопје 1, извршил повеќе дејствија на кривичното дело, со пречекорување на границите на службено овластување.

    „Обвинетиот потешко ги повредил правата на друг за еднаков пристап“, рече Богоевска.

    Таа наброи 40-тина предмети најмногу од Обвинителството за организиран криминал, во периодот 2013-та -2014-та, кои по барање на Панчевски биле распределувани кај судиите Ивица Стефановски, Дијана Грујовска, Огнен Ставрев, Павлина Христова, Горан Бошевски и други, кои свесно си ги зеле и терале предметите дадени на рака од претседателот.

    Два предмета, пак, поврзани со нелегално прислушуваните разговори и со СЈО, по барање на Панчевски биле доделени на судијките Лилјана Петровска и Татјана Михајлова.

    Во продолжение од главната расправа, прашан од судијката Валентина Ѓорѓиевска дали го разбира обвинението, обвинетиот кажа дека не го разбира.

    „Обвинителниот предлог го добив додека сум во притвор. Не разбирам зошто сум обвинет, ги немам доказите што ги има Јавното обвинителство. Се цитираат членови од повеќе закони, кои не можам да ги најдам бидејќи сум во притвор. Натаму, предметите кои се цитираат се од пред шест, седум години“, рече Панчевски.

    Претходно тој кажа дека на 15-ти јули сам се пријавил во КПУ Затвор Скопје, во притвореничкото одделение, откако во јавноста дознал дека имало одредено притвор и распишана потерница по него. Тоа било по 10-ти јули, кога му е одреден притворот од страна на Основен суд Велес, оти било викенд, а тој не било дома. Неговиот бранител адвокат Петро Јанура, реагираше дека за обвинетиот нема правосилна одлука дека е разрешен од функцијата судија.

    Но, Врховниот суд денеска го поби и овој обид за одолговлекување на постапката против Панчевски:

    „Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија расправаше по повод жалбата на Владимир Панчевски, судија на Основниот кривичен суд Скопје, поднесена против одлуката на Судскиот совет на РСМ од 25.12.2019 година, заведена под бр.08-22/40 од 30.12.2019 година и против решението на Судскиот совет бр.08-22/4 од 17.07.2019 година. На седницата одржана на 26.06.2020 година Советот за одлучување по жалба донесе решение со кое што жалбата на жалителот ја одби како неоснована, а ја потврди одлуката на Судскиот совет 25.12.2019 година заведена под бр.08-22/40 од 30.12.2019 година и решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.08-22/4 од 17.07.2019 година“, соопшти највисокиот суд.

    „Видовме кршење на човековите права, на обвинетиот Панчевски. Баравме укинување на притворот за него, оти нема материјален доказ дека одлука на Врховен суд, по жалбата на Панчевски со која тој е разрешен од функцијата судија. Бидејќи таква одлука не постои или ја нема во предметот, тој има се уште имунитет и не може да му биде изречен притвор, без одлука на Судски совет“, рече Јанура.

    На новинарското прашање дали неговите колеги од адвокатскиот тим на Панчевски, кои претходно работеле со него (оти Јанура е новоприклучен) избегнувале да не ја примат одлуката на Врховен, како што се избегнувало да се примат поканите за судење во Основен суд Велес, да се прими обвинителниот предлог, Јанура негираше и веднаш замина.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира