„ПАРКИНЗИ ЦЕНТАР“ ЌЕ ГИ СОБИРА ХАВАРИСАНИТЕ ВОЗИЛА КОИ СТОЈАТ НА УЛИЦИТЕ И ЌЕ ГИ УНИШТУВА ВО ДЕПО

    „ПАРКИНЗИ ЦЕНТАР“ ЌЕ ГИ СОБИРА ХАВАРИСАНИТЕ ВОЗИЛА КОИ СТОЈАТ НА УЛИЦИТЕ И ЌЕ ГИ УНИШТУВА ВО ДЕПОВозилата бесплатно ќе се носат во депо каде ќе ги сечат и ќе ги продаваат како старо железо. (Фото: СДК.МК)

    Јавното претпријатие „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) од денес почнува со акција за расчистување и ослободување на паркинзите и јавните површини од хаварисани возила во Скопје. Покрај хаварисани возила, како што велат од претпријатието, ќе се собираат и камп приколки кои се напуштени и претставуваат опасност за жителите и животната средина.

    „Возилата откако ќе се отстранат од јавните површини во Општина Центар, бесплатно ќе се носат во депото на фирмата ‘Васкони скрап‘. Потоа тие ќе ги сечат и ќе ги продаваат како старо железо, а за тоа сопствениците на возилата ќе добијат надоместок од фирмата согласно нивниот ценовник за откуп на отпад од хаварисани возила’, вели директорот на „Паркинзи Општина Центар“ Васко Кичевски.

    Како дел од кампањата, од среда ќе се отвори и посебна телефонска линија 075 476-762 на која сопствениците на хаварисани возила ќе можат да ги пријавуваат своите автомобили. Пајак службата ќе интервенира веднаш по добивање на повикот.

    „Со оваа акција ќе се воведе ред во паркирањето и ќе се зголемат капацитетите на паркинг местата“, додава Кичевски.

    Според податоците на претпријатието на територијата на општина Центар има над 220 хаварисани возила.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира