Сметките за парно во јануари во Скопје ќе бидат повисоки за 14 отсто поради зголемената цена на природен гас на пазарот. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски кажа дека 13,8 милиони евра се потребни за набавка на природен гас за топланите, но тој трошок не можат да го платат само граѓаните и затоа побара разликата да ја покријат Владата, Град Скопје и скопските општини.
„Цената за парното ќе се зголеми за 14 проценти. Со оваа цена се враќаме на ниво на топлинска енергија која ја имавме во 2018, имајќи предвид дека за 15-16 проценти ја намаливме цената на парното изминативе три години. Ние признаваме трошок од 4 милиони, но постои разлика од 9 милиони која треба да се прокрие. Потрошувачите не можат да го покријат тој трошок за природоен гас и затоа треба да се вклучат сите чинители. Владата презема чекари овој трошок како да се покрие, но апелирам до Градот Скопје и Општините да помогнат за покривање на дел од трошоците за топлинска енергија“, рече Бислимовски.
Одговарајќи на новинараско прашање дали БЕГ може да работи ма мазут ако не може да обезбеди природен гас, Бислимовски кажа дека тоа е можно, но тој како експерт не ја препорачува таа варијанта оти тоа дополнително ќе го влоши проблемот со загадувањето.
„Доколку БЕГ почне да работи на мазут, тогаш до крајот на грејната сезона ќе треба да работи на мазут. Јас тоа не го препорачувам, но ако нема природен гас и цената е многу висока може и тоа да се разгледува како крајна опција. Топланите се во подрчја каде живеат луѓе и тоа ќе се одрази врз загадувањето и здравјето на граѓаните“, рече Бислимовски.
Регулаторната комисија вчера соопшти дека од 1 јануари за 9,8 отсто се зголемува цената на струјата поради енергетската криза, а се укинува и дневната евтина тарифа.
А. АНТЕВСКА